ИНТЕРВЈУ, ПЕТАР БОГОЈЕСКИ: Дојде време за одлука: „европски концепт“ или „груевизам“

287

„За прв пат, од времето на реформите, ќе се согласам со Груевски, дека огромен дел од функционерите во партијата се припадници на „грујовиот“ концепт и под директна негова контрола. Но мнозинството граѓани и членови, сме на другата страна. Силно стоиме зад европската иднина на земјава. Токму таа определба на раководството е главната пречка за вистинска демократизација на ВМРО ДПМНЕ. Доколку таа се воспостави, преку нов вистински демократски Статут, за кратко време „груевизмот“ ќе биде минато и за раководството на партијата…, појаснува Петар Богојески, активист во најголемата опозициска партија и припадник на т.н. Реформаторско крило. Тој во интервју за весникот Вечер отворено зборува за состојбите во партијата, за поделбите, за предизвиците, за претседателските кандидати, за реформите…, а го промовира и „Европскиот концепт“, како излезно решение за иднината на партијата. Богојески е убеден дека европската идеја e победничка и на партијата ќе и овозможи победа на следните парламeнтарни избори во 2020 година. Апелира на масовна излезност на претседателските избори.

Вие сте еден од функционерите во ВМРО ДПМНЕ кој јавно промовираше една нова идеја, нов начин да делување на партијата, за што бевте и се уште сте силно критикуван и дистанциран од партиската функција. И покрај притисоците, не се откажавте од ставот дека на партијата и се неопходни силни реформи. Очекувате ли дека нешто ќе успеете да смените?

Процесот на реформи е започнат. Тоа е идеја, која пандемски се шири, секој ден има се повеќе поддржувачи и не може да биде сопрена. Само е прашање на време кога во целост ќе се реализира. Најважно е конечно да разбереме дека таа идеја е за зајакнување и унапредување на функционирањето на ВМРО ДПМНЕ, а не обратно. Очекувам некој обид за лажна „демократизација“ на партијата, следниов период, но тој нема да помине ниту во членството, ниту во пошироката јавност. Работите треба да се менуваат суштински и реално. Само така ќе ја добиеме поддршката од граѓаните. Тие не се наивни и многу добро знаат да препознаат вистина од лажна театарска претстава.

Се чини дека ВМРО ДПМНЕ се соочува со сериозни фракционерски поделби и покрај тоа што актуелното раководство се обидува да промовира единство. Како гледате на моменталната состојба во партијата?

Постои широка дискусија во јавноста околу поделбите во ВМРО ДПМНЕ. Особено е актуелна онаа на мицковисти и мијалковисти. Таа е фатаморгана. Таа не постои. Постои само генералниот судир на два концепти. Концепт на личности од минатото и концепт на идеи и вредности. Првиот е „грујовиот“ концепт, оној од минатото, а вториот е „европскиот концепт“, оној на иднината. Секој од нас, мора да се определи каде припаѓа. Не може и во двата. Тие се исклучуваат еден со друг. Дел од актуелните функционери сакаат да седат на две столчиња. Да се колнат во европската идеја, а да практикуваат „грујовизам“. Тоа не поминува, ниту дома ниту во странство. 

Грујовиот концепт“, настрана од лицето Никола Груевски, како начин на функционирање, е губитнички и ВМРО ДПМНЕ ќе биде трајно оштетена. Тој исклучува и ограничува. „Европскиот концепт“ е победнички и овозможува победа на следните парламeнтарни избори во 2020 година. Припадниците на првиот концепт, не и сакаат добро на партијата, тие се себични и мислат само на своите позиции, кои попусто ги чуваат, зашто ништо не им вредат. Припадниците на вториот европски концепт, сакаме напредок на Македонија и на ВМРО ДПМНЕ, јасна перспектива и просперитет, победа и европско управување со земјата. Тоа е концепт на вклученост, проекти и решенија за многу реални проблеми на сите граѓани.

Дали европскиот концепт за кој зборувате е некоја нова поделба во партијата?

Не, тоа е идеја. Процес кој обединува на база на вредности, не на личности. Отворен за секој добронамерник, подготвен да работи во новото време за Македонија и ВМРО ДПМНЕ. Од Христијан Мицковски, па до секој член на партијата. Припадник на секој идентитет во земјава. Во партијата има луѓе со капацитет за победа. Во нив е многу инвестирано, и тие никогаш не ја напуштиле европската визија за Македонија. Тие се иднината и на партијата и на државата.

Христијан Мицковски е припадник на „грујовиот“ или на „европскиот концепт“?

Христијан Мицковски беше промовиран за претседател на ВМРО ДПМНЕ од страна на Мијалков, Груевски и Протугер. Секако, со дадена доверба и од нас „реформаторите“. Но тоа не го ограничува да се определи кој концепт ќе го застапува. Досегашното управување со ВМРО ДПМНЕ е далеку од европско, со силна „грујова“ улога. Но тоа е само негова одлука. Времето за донесување на истата се стеснува, изборите се ближат.

Поврзани ли се тие со експремиерот и актуелен азилант во Будимпешта? Има ли Груевски навистина се уште лојални приврзаници, односно како што самиот рече 99 отсто од раководството се на негова страна?

За прв пат, од времето на реформите, ќе се согласам со Груевски, дека огромен дел од функционерите во партијата, се припадници на „грујовиот“ концепт и под директна негова контрола. Но мнозинството граѓани и членови, сме на другата страна. Силно стоиме зад европската иднина на земјава. Токму таа определба на раководството е главната пречка за вистинска демократизација на ВМРО ДПМНЕ. Доколку таа се воспостави, преку нов вистински демократски Статут, за кратко време „груевизмот“ ќе биде минато и за раководството на партијата. Вака, на вештачки начин опстојува, наметнат врз сите нас, кои сме мнозинство во ВМРО ДПМНЕ. Во партијата владее апартхејд, малцинскиот „грујов концепт“ е наметнат врз мнозинскиот „европски концепт“. Минатото врз иднината. Секако ќе победат прогресот и иднината.

Се почести се шпекулациите дека на актуелниот претседател Христијан Мицковски му се заканува смена и во таа насока се повеќе имиња меѓу кои и Вашето. Би прифатиле ли таков предизвик во овој историски многу сериозен период?

Најважно е да се ослободиме од ропството кон личности, а да се обединиме околу вредностите кои ги споделуваме. Сега сме во очи на претседателските избори, фокусот мора да се насочи на таа страна. Од резултатот на истите, ќе зависат многу работи. За Мицковски е значајно да го поткрепи „европскиот концепт“. Јасно и недвосмислено да се огради од „грујовото наследство“. Јас сум подготвен, силно да помогнам во таа насока, „европскиот концепт“ да стане доминантен и во партијата и во државата.

Доколку се најдете на партискиот престол, што ќе и понудите на партијата?

Важно е да не посакуваме престоли, туку да преземеме одговорност и да понудиме решенија за проблемите на граѓаните.

Кого ќе поддржите за претседателски кандидат?

Кандидатот кој е јасно определен во насока на евро-атлантската перспектива на земјава, човек кој нема хипотеки од минатото, кој е ново лице на „европскиот концепт“ на ВМРО ДПМНЕ, носител на десничарско идеолошко убедување и кој е во „плодни години“ од својот работен век.

Како гледате на повикот да се бојкотираат претседателските избори?

Апелирам на масовна излезност на овие избори, најмасовна во историјата на земјава. Тоа е наша обврска кон Македонија. Мораме да го избереме „европското лице“ на земјава.

Кој ќе биде новиот кандидат, поддржан од пратениците на ВМРО ДПМНЕ. Дали можеби тоа е Гордана Силјановска?

Се сомневам дека се можни 30 пратенички потписи за госпоѓа Гордана Силјановска. Таа нема поддршка во пратеничката група. Веројатно ќе се собираат 10.000 потписи, што е едноставна операција за ВМРО ДПМНЕ.

Како гледате на промената на името? Се чувствувате ли комотно во Република Северна Македонија?

Јас сум истиот Македонец, каков што бев пред формалната промена на името на земјава. Република Северна Македонија е новата реалност, која мора да биде апсолвирана, со цел да биде валоризирана, во насока на македонските национални интереси. За мене е најважно опстојувањето на македонската Република во оваа форма, до нејзина комплетна интеграција во ЕУ. Така ќе се исполнат и нашите историски идеали.

Ги поддржувате ли вашите сопартијци кои во парламентот гласаа ЗА измени на Уставот што беше спротивно на партискиот став? Осумтемина направија вештачка опозиција што и е во корист на актуелната власт. Тие, од една страна и ја прават поголема комоцијата на владејачката партија за лесно донесување на одлуки во законодавниот дом за кои е потребно двотретинско мнозинство, а од друга страна се шпекулира дека се пазари со амнестија за кривичните дела за кои се осомничени. Мислите ли дека е тие се дел од демократската мисла од ВМРО ДПМНЕ?

ВМРО ДПМНЕ требаше да биде дел од процесот. Комплетна, не сукцесивно со неколкумина активисти од партијата и неколкумина пратеници. Тие игри не донесоа ништо добро, напротив. Но човекот се раѓа низ болка, така и европската иднина се роди низ болка, чемер и јад. Ве молам да разликувате амнестија и амнезија. Исто така, генерализирање на поведението на поединците не е прифатливо за мене. Партијата не се огради од „осумтемина“ на начин на кој Вие перцепирате. Тие се во комуникација со партиските функционери, а поранешната министерка Елизабета Канчевска-Милевска, информиран сум дека не е исклучена од членство во партијата. Не е се онака како што изгледа на прв поглед. Не се работите црно-бели.

Работите во Министерството за одбрана, секторот кој прв не внесе во НАТО. Во овој историски момент, додека не делат месеци до рамноправното членство во Алијансата, можете ли да наведете кои се предностите, а кои се предизвиците со кои допрва ќе се соочуваме?

Мојот оптимизам е голем. На членството во НАТО многу се радувам. Се чувствувам реализиран, а особено горд што сум бил на правата страна на историјата. Од денот на моето членство во ВМРО ДПМНЕ, пред 24 години, се залагав само за НАТО интеграција. Дури и во времето на воениот конфликт од 2001 година. Исто така, професионално во МО, секогаш давам придонес во таа насока. И само во таа насока, најсилно за време на министри, кои беа анти-НАТО ориентирани. Со НАТО ќе добиеме посилна Армија, стабилно општество и економски просперитет. Колку тоа ќе знае да го искористи оваа Влада, тоа ќе видиме. Јас имам сериозен сомнеж, особено во делот на економскиот просперитет.

Како гледате на актуелната власт? Гледате ли некакви сличности со владеењето на ВМРО ДПМНЕ?

Владата е сериозно дисфункционална. На моменти скандалозна. Имаме министри кои ги молиме да дојдат на работа, други пак се посветени на ликот и делото на голиот непотизам и ништо повеќе. Многу слаба реализација на програмата, капиталните инвестиции, промашена даночна политика, дејствување на „леви егзибиционисти“ во „венецуелска насока“, некултурна култура, нездраво здравство, неправедна правда, економија без пари, европеизација без европски манири и сл. Секако дека има работи кои се слични со владеењето на Груевски.

Од друга страна, пак, ВМРО ДПМНЕ во услови на управување со партијата преку „грујовиот концепт“, на граѓаните не може да им понуди многу, освен бледа копија на она што беше од времето на Груевски. Исто поведение, исти методи, исти резултати, со сериозна опасност за уште поголеми девијации, со оглед на фактот што Груевски имаше мерка за доволно, кога стануваше збор за јавност. Голем дел од припадниците на „грујовиот концепт“, денешни функционери на партијата, за жал, ја немаат ниту таа мерка. Може да очекуваме полошо, со оглед на менторството од разни Ванковци, Миленковци и слични на нив. Се надевам за кратко време, ние од „европскиот концепт“ на ВМРО ДПМНЕ, ќе понудиме решенија и проекти за светла иднина на сите граѓани во земјава, наспроти црнила. Не смееме да дозволиме киднапирање на европската агенда од страна на СДСМ. Граѓаните тоа ќе го препознаат, ВМРО ДПМНЕ ќе ја донесеме до голема победа.

Елизабета АРСОСКА

фото: Д.МИТРЕСКИ