ИНТЕРВЈУ, ОРХАН МУРТЕЗАНИ: Уставните измени не се спорни, нашиот фокус е да се заштитиме од идни блокади

Инсистирањето преговарачкиот процес да биде ослободен од потенцијални идни блокади наидува на разбирање, нашите предлози не се целосно отфрлени, бидејќи тие се однесуваат на легитимни прашања за иднината на преговарачкиот процес, вели министерот за европски прашања и главен преговарач на Македонија со ЕУ, Орхан Муртезани. Во интервјуто за весникот ВЕЧЕР, Муртезани вели дека е оптимист дека дијалогот ќе доведе до креативни решенија, иако, како што вели, некои елементи, особено преговарачката рамка, не се предмет на репреговарање. Според него, испраќањето писмо не е неопходно во овој момент, туку треба да се остави време европските партнери, вклучително и Бугарија, да ги апсорбираат и процесираат македонските позиции. Министерот Муртезани тврди дека самите измени не се доведени во прашање, наместо тоа, фокусот е да се осигури процесот по отворањето на преговорите да биде заштитен од идни блокади. Министерот предупредува дека усвојувањето на овие измени само за да се започнат преговорите, без гаранции за процесот, може сериозно да ја наруши довербата на јавноста и да го поттикне евроскептицизмот, особено во контекст на војната во Украина, што би можело да има далекосежни последици за нашиот регион

336

Министерот Муртезани вели дека е парадоксално што имаме Договор за пријателство и добрососедство со Бугарија, а немаме дијалог. Тој потсетува дека според овој договор, Бугарија е обврзана да ја поддржува, а не да ја попречува интеграцијата на земјава во ЕУ. Во интервјуто, министерот Муртезани зборува и за забелешките на Европската комисија во извештајот за напредокот на Македонија, како и за односите во владината и во коалицијата Вреди

 

Виолета СТОИМЕНОВА НАУМОСКА

Фото: Петр СТОЈАНОВСКИ

 

Изјавивте дека Брисел не гледа со голем оптимизам за предлогот за уставни измени со одложено дејство, но не го отфрла целосно. Мислите ли дека нивните ставови ќе омекнат по директните контакти со европски претставници што ги имавте изминатиот период заедно со премиерот?

Секој контакт со нашите европски партнери придонесува кон зајакнување на меѓусебното разбирање. Иако постојат одредени работи за кои нема простор за обновена дискусија, како што се преговарачката рамка и општата позиција на ЕУ, кои најверојатно нема да се променат поради воспоставените правила на Унијата; нашите загрижености околу текот на преговорите по усвојувањето на уставните измени, сметам дека се сфаќаат сериозно во Брисел. Ова значи дека нашите предлози не се целосно отфрлени, бидејќи тие се однесуваат на легитимни прашања за иднината на преговарачкиот процес. Затоа останувам оптимист дека континуираниот дијалог ќе доведе до креативни решенија, иако сме свесни дека некои елементи, особено преговарачката рамка, не се предмет на репреговарање.

Премиерот изјави дека има дилема дали да го пишува писмото, затоа што веќе лично се пренесени пораките што тоа би ги содржело. Што конкретно има во тој план, без разлика дали ќе се пренесува усно или ќе се стави на хартија?

По низата средби на високо ниво во Брисел и Берлин, верувам дека клучните пораки се ефективно пренесени. Во овој момент, треба да оставиме време нашите европски партнери, вклучително и Бугарија, да ги апсорбираат и процесираат позициите што ги изнесовме. Мојот став е дека испраќањето писмо можеби не е неопходно во овој момент. Она што е клучно е да се реафирмира нашата подготвеност за суштинско продолжување на процесот, што веќе беше јасно пренесено преку нашите директни дипломатски контакти.

Изминатиот период остваривте голем број средби со високи претставници од ЕУ. Шефицата на германската дипломатија Аналена Бербок јавно порача дека додека во Унијата важи принципот на едногласност, Македонија не може да ги почне преговорите без да ги направи уставните измени. Какви насоки и пораки добивте во Берлин на затворените средби во однос на македонските евроинтеграции и како настапувате Вие како главен преговарач со Унијата?

Поддршката што ја добиваме од нашите европски пријатели е конзистентна, гласна, принципиелна и несомнено важна. Многу од овие земји не само што сакаат, туку и активно бараат начини за олеснување на дијалогот со Софија. Сепак, постои унисона согласност дека преземените обврски мора да се исполнат. Во исто време, нашето инсистирање преговарачкиот процес да биде ослободен од потенцијални идни блокади наидува на разбирање, за што добивме уверување дека постои подготвеност за конструктивен придонес. Како главен преговарач, мојот пристап е да ги почитуваме нашите обврски, додека истовремено го осигуруваме интегритетот и одржливоста на процесот, така што еднаш кога ќе започнат преговорите, тие да продолжат без непотребни прекини.

Од владината коалиција доаѓаа различни најави во однос на уставните измени. Ваш став е дека уставни измени мора да има, затоа што тие не се услов од Бугарија, туку од 27 земји членки на ЕУ. Потсетивте дека коалицијата Вреди ѝ даде на Владата рок од шест месеци за да се донесат уставните измени. Вицепремиерот Изет Меџити изјави дека е убеден дека до крајот на годината ќе има уставни измени, а ставот на премиерот Мицкоски пак е јасен – дека нема да има уставни измени под уцени и диктат. Што значи оваа неусогласеност, има ли изгледи дека ќе има уставни измени до крајот на годинава?

Јасно е дека ова е заедничка позиција на сите 27 земји-членки, како што е рефлектирано во заклучоците на Советот на ЕУ. Временскиот рок што го поставивме, шестмесечен период, беше со цел да отвориме реален прозорец за решавање на прашањето за уставните измени, и сè уште верувам дека имаме доволно време да најдеме решение. Она што е важно е дека самите измени не се доведени во прашање; наместо тоа, нашиот фокус е на осигурување дека процесот по отворањето на преговорите ќе биде заштитен од идни блокади. Усвојувањето на овие измени само за да се започнат преговорите, без гаранции за процесот, може сериозно да ја наруши довербата на јавноста и да го поттикне евроскептицизмот, особено во контекст на војната во Украина, што би можело да има далекосежни последици за нашиот регион. Затоа мора да дејствуваме брзо и одлучно. Формалното раздвојување со Албанија сè уште не е почнато, па затоа сметам дека сериозните напори на Владата да го реши уставното прашање ќе испратат сигнал до ЕУ дека Северна Македонија останува цврсто посветена на својот европски пат.

Ваш став и воопшто на Владата е дека очекувате „посмирен терен“ за преговори по изборите во Бугарија, но источниот сосед има заедничка црвена линија во однос на Македонија. Зошто очекувате дека новата бугарска Влада би била покооперативна?

Парадоксално е што имаме Договор за пријателство и добрососедство со Бугарија, а немаме дијалог. Според овој договор, Бугарија е обврзана да ја поддржува, а не да ја попречува интеграцијата на Северна Македонија во ЕУ. Веруваме дека повторното воспоставување на дијалог е од круцијално значење, не само за нас туку и за Бугарија, бидејќи нашето членство во ЕУ е и нивен интерес. Нема логична причина зошто следната бугарска влада не би била подготвена за дијалог. Конечно, зајакнувањето на регионалната соработка е основна европска вредност и тоа е во согласност со стремежите на земјите кои се дел од или сакаат да се приклучат на европското семејство. Дијалогот, разбирањето и соработката се темелите на европската интеграција.

Македонија не беше поштедена од критики во последниот извештај на ЕУ, од јули, каде што за првпат, пакетот од четири земји кандидати беше вклучен во Годишниот извештај за владеење на право. Брисел покажа загриженост за независноста на македонското судство и големиот ризик од корупција во државата. Што прави земјава по однос на овие забелешки и какви оценки ќе има Македонија во овој извештај?

Извештаите на ЕУ се повеќе од корисни за нас, бидејќи претставуваат објективна и стручна оценка на нашиот напредок. Владеењето на правото останува суштински приоритет за нас. Веќе работиме на реформите во судството преку новиот Закон за судии и реформираната правна рамка, кои имаат за цел да ја зајакнат независноста и ефикасноста на судството. Дигитализацијата на судските процеси и поголемата транспарентност во правосудниот систем ќе бидат следни чекори.

Оваа година за првпат земјите од Западен Балкан, вклучувајќи ја и Северна Македонија, бевме дел од Советот за општи работи (ГАК) на Европската Унија во рамките на механизмот за владеење на правото. Овој процес овозможи директна размена на мислења, при што имав можност да ја чујам загриженоста на земјите членки во однос на владеењето на правото во Северна Македонија. Во однос на критиките во годишниот извештај, ние сме свесни дека правната рамка е усогласена со европските стандарди, но предизвиците остануваат во имплементацијата на законите и почитувањето на истите.

Постигнавме напредок, што е признато и во Извештајот, но свесни сме дека сè уште се потребни суштински подобрувања, особено во зајакнувањето на институциите кои се одговорни за борба против корупцијата, обезбедување на независноста на судството, заштита на човековите права и слободата на медиумите. Еден од најголемите предизвици е новиот Кривичен законик, кој беше донесен од претходната Влада. Овој закон, кој е спротивен на европските стандарди, беше усвоен под европско знаменце, што уште повеќе го отежна неговото прифаќање и разбирање од страна на земјите-членки на ЕУ. Овој закон мора итно да се коригира, бидејќи реформите што ги спроведуваме имаат смисла само ако се во согласност со европските стандарди и доколку нè приближуваат кон европските вредности. Тоа е најбрзиот начин за полнопоравно членство.

Затоа, нашата цел е преку спроведувањето на Реформската агенда, да обезбедиме стабилна и независна институционална структура која ќе биде ефикасна во исполнувањето на овие домашни задачи. Како поддршка на овој процес, ќе следуваат и финансиски средства од европските фондови, но само откако ќе бидат спроведени суштинските реформи.

Разликите во владината коалиција често се политички маркетинг 

Изминатиот период имаше обвинувања за спротивставени ставови во владината коалиција за повеќе прашања. Имавте несогласувања, особено со ЗНАМ. Какви ви се меѓукоалициските односи?

Не е невообичаено да постојат разлики во рамките на владина коалиција, особено кога политичкиот спектар е разнолик во контекст на идеолошките начела. Овие разлики можат да произлезат од различни приоритети, вредности и ставови, што е дел од сложената природа на демократијата. Клучно е што овие разлики се адресираат преку конструктивни внатрешни дебати и соодветно аргументирање. Оттаму, односите меѓу коалиционите партнери се засновани на стабилност и заемно почитување, а несогласувањата со ЗНАМ не претставуваат значителна пречка за функционалноста на Владата. Често, разликите што се прикажуваат во јавноста можат да се сфатат како дел од политичкиот маркетинг, наместо како реални тензии во внатрешното функционирање на Владата.

Какви ви се односите внатре во коалицијата „Вреди“? Се зборува дека размислувате да формирате една партија, но исто така се зборува дека четирите партии не се така едногласни по повеќе прашања. Во која насока ќе се движите?

По одржаните избори, партиите во коалицијата „Вреди“ започнаа важен процес на формирање заеднички тела со цел консолидирање во една партиска структура. Успеавме да формираме заеднички центар за комуникација со медиумите и јавноста, што е значаен прв чекор во таа насока. Овој процес е комплексен и долг и затоа не треба да се избрзува со ниту една одлука. Целта е да се постигне хармонија и ефективна координација, особено во контекст на претстојните локални избори, кои ќе бидат критичен тест за нашата способност да функционираме како единствена партија. Во рамките на коалицијата се забележува добра синергија, и до сега не сме се соочиле со сериозни проблеми што би можеле да го загрозат нашето понатамошно функционирање.

На крајот би сакала да ве прашам дали се чувствувате како европски министер?

Работам во Влада која го смета европскиот пат како апсолутен приоритет, а јас искрено верувам дека нема друга алтернатива за нашата земја. Сметам дека тоа ме прави европски министер, но и длабоко така се чувствувам. Дејствуваме во општество во кое над 70% од нашите граѓани oдлучно го поддржуваат членството во Европската Унија, што е вистински стимул за мојата работа. Оваа поддршка не е само бројка – таа е вистински патоказ на нашата заедничка визија за иднината, на нашата надеж и амбиција. Мојата посветеност е водена од искрена желба да го оствариме сонот на нашите граѓани, да ја реализираме нашата колективна аспирација и да почнеме конечно да живееме според европските принципи и вредности – каде меритократијата, човековите права и слободи ќе бидат основни столбови на општеството, водечка сила за напредок и просперитет, и неодминливи предуслови за создавање на една праведна и инклузивна иднина, која ќе обезбеди достоинство и благосостојба за секого.