„Не ме интересираат совршено добри протагонисти, ниту пак совршени негативци. Многу поинтересна ми е перспективата на човек кој имал шанса да направи нешто добро, но тој одлучува поинаку – и кои механизми придонеле за таа одлука. И тие често се вкоренети во заедницата. Сепак, иако верувам дека литературата може да артикулира, да создаде простор за размислување, не верувам во општествено ангажирана литература…“, вели авторот Кристијан Новак, во интервјуто за весникот ВЕЧЕР, кој пред скопската публика ќе го претстави своето творештво во рамките на 10. Јубилејно издание на „Букстар“ (BookStar)

 

Кристијан Новак (1979) е учесник на годинешново јубилејното 10. издание на фестивалот на европска литература „Букстар“ (BookStar), кој во Скопје ќе се одржува од 30 септември до 3 октомври. Во рамките на овој фестивал, на кој досега се претставија големи писателски имиња, ќе биде претставено и неговото творештво кое го става во редот на еден од најчитаните современи автори во Хрватска. Тој е и лингвист и универзитетски професор. Член е на Друштвото на писателите во Хрватска и на Хрватското друштво за применета лингвистика. Досега има објавено четири романа.

 Какви се Вашите очекувања од еден ваков литературен фестивал и дали е ова Вашата прва средба со македонските автори и дела?

Навистина се радувам на „Букстар“. Ќе биде првпат во животот да ја посетам Македонија, што е моја желба долго време, но тоа не значи дека интензивно не ја читам македонската литература – на современиците, пред се фантастичната Румена Бужаровска, на која во Загреб ѝ ја претставив книгата „Мојот сопруг“, а потоа секако Андоновски, Димковска и многу други. За жал, кај нас сè уште доаѓаат делата на етаблираните македонски писатели, а подеднакво ме интересираат и оние кои штотуку се пробиваат.

 Фестивалскиот слоган, кој секоја година креативно предизвикува на ангажман и размислување, годинава е „Преобразба“ и е инспириран од делата на Франц Кафка. Токму во неговите два најпознати романа „Процес“ и „Замок“, тој зборува за бирократијата и немоќта на поединецот да влијае врз општествените случувања. На кој начин Вашето творештво одговара на еден ваков литературен предизвик?

Што се однесува до бирократијата, сè се менува брзо, но во погрешна насока. Тоа животно не само што голта и расте, парадоксално станува и поголемо кога ќе се обидете да го исечете, како хидра. Ако сакате да ја намалите бирократијата во еден систем, прво формирате комисија за намалување на бирократијата, која ќе има свои состаноци, статути, акти, процедури. И повторно тонеш подлабоко. Мене лично ме погодува тоа што кај поединецот создава илузија дека контролираш и соодлучуваш. И мене, дури и како вработен во институција која треба да биде напредна и отворена, ми се чини дека всушност не ме прашаа за ништо важно. Гласам за извештаи за дисертации од области за кои не знам ништо, или дали некој што не го ни познавам, ќе оди на одмор. Но, не ме прашаа дали ќе ја прифатиме целосно изопачената варијанта на Болоњската реформа, со која си натоваривме децении ѓубре и проблеми. Мислам дека е слично и на други нивоа.

Вашите три книги, „Црна мајка земја“ и „Циганин, ама најубавиот“ и „Случајот на самоуништување“ се на листата на најчитани и најпродавани книги минатата година, на порталот Модерна време, а сите три се многу успешно адаптирани во театарски претстави. Која е според Вас причината за успех на едно дело и како еден писател станува омилен кај читателите денес, па еве и кај театарската публика?

Кога би имало рецепт за успех, би бил многу среќен да го патентирам и да го продадам. Не можете да предвидите како една книга ќе се чита и продава. Знам дека работам на текстот сè додека сè уште знам како да го направам подобар, обично четири години или повеќе. Јас сум трпелив, не се брзам. Романот што ја здогледува светлината на денот е за 6-та или 7-та верзија на текстот. Имам многу критични бета-читачи и уредници кои во последните фази од работата на текстот помагаат да се подобри. И откако ќе излезе, се трудам колку што можам да го придружувам со настапи на книжевни вечери, медиумски настапи… И, секако, треба да имаш среќа. Се совпадна што луѓето што правеа театарски адаптации и преводи на моите книги беа талентирани, посветени и мотивирани. И за тоа сум благодарен.

Во Вашите романи има многу вистински настани, но и фикција, па дури и биографски елементи. Каде всушност наоѓате инспирација и како ги создавате своите ликови? Дали се работи за приказни кои ве опкружуваат, предизвикуваат бес кај Вас, потреба да потенцирате некаква неправда, бесмисленост, да предизвикате реакција?

Не можам да пишувам по нарачка. На пример, ако некој дојде кај мене и ми нарача текст за, на пример, туризам или Првата светска војна или кактуси – ми се чини дека тоа не би можел да го направам ниту за огромни суми пари. Ако пишувам, ако веќе навлегувам во тој повеќегодишен процес, тоа мора да биде нешто што ме засега мене лично, нешто за што размислувам опсесивно, нешто што ме погодува. Се разбира, во одреден момент може да се заинтересирам за кактуси, но има ограничен број на теми кои мојот ограничен ум може да ги преџвака. И затоа не е исклучено после можеби уште 2-3 приказни, во кои ќе се нурнам длабоко во моето искуство и сопствените противречности, да се протнам како автор во жанровската литература или документаристика.

Вашата литература, токму поради темите кои ги обработувате, можеби може да се нарече и општествено ангажирана. Дали литературата може да придонесе за промените во општеството или едноставно Вие лично сакате да ја изнесете „вистината“ на виделина и да го натерате читателот на размислување?

Пред сè, вистината, да. Онаа што често бега кога ги ставаме работите црно-бело. Затоа не ме интересираат совршено добри протагонисти, ниту пак совршени негативци. Многу поинтересна ми е перспективата на човек кој имал шанса да направи нешто добро, но тој одлучува поинаку – и кои механизми придонеле за таа одлука. И тие често се вкоренети во заедницата. Сепак, иако верувам дека литературата може да артикулира, да создаде простор за размислување, не верувам во општествено ангажирана литература. Ако сакате промена во општеството, не пишувајте роман, сценарио, драма, за потоа да си честитате како храбро се боревте со демоните на нашето време. Со уметноста, вие зборувате првенствено со потрошувачите, со луѓе кои се способни да размислуваат за себе и можеби да ги ревидираат своите ставови. За општествени промени, неопходно е да се посегне пошироко – а тоа може да го направи само граѓанскиот и политичкиот активизам. Во тоа го вклучувам и висококвалитетното и смело истражувачко новинарство.

Кој автор и од кои причини имал најголемо влијание врз Вас и Вашата работа?

Секој ден би можел да дадам различен одговор на тоа прашање. Мислам дека бев под влијание на сите книги што ги прочитав, дури и оние што не ги сакав, дури и оние што не ги прочитав до крај. Основите на мојот стил се многу веројатно некаде каде што не се ни сомневам, можеби еден ден некој заинтересиран експерт ќе го открие тоа.

Дали веќе размислувате за тема за нова книга?

Наскоро ќе почнам да ја скицирам новата книга, штом ќе ја завршам оваа мала турнеја со книгата „Случајот на самоуништување“ (Slučaj vlastite pogibelji), која ми е многу драга. Затоа што, пред нешто повеќе од една година мислев дека ќе се саботирам со тоа и како човек и како автор. Но, еве го повторно факторот среќа, испадна спротивното.

Даниела ТРАЈКОВСКА

Фото: Марко Ерцеговиќ