ИНТЕРВЈУ: Ебру Оздемир: Работиме на неверојатно возбудлив и уникатен проект во срцето на Скопје

Секако, со нетрпение очекувам уште идни проекти во оваа убава земја. Навистина уживам што доаѓам овде и би сакала да имам повеќе време да ги истражувам природните убавини и историските локалитети, како и да уживам во прекрасната храна и во гостопримството. Јас сум инженер по струка и тоа е мојата животна страст. Кога ја започнував кариерата, околу мене немав многу женски примери во областа на техничките науки и ми беше предизвик да се поврзам со многуте машки колеги. Реалноста е дека морав да работам во опкружување во кое доминираа мажи, и тоа многу пати ме доведе во ситуација да ги поместувам сопствените граници, вели во интервју за весникот ВЕЧЕР Ебру Оздемир, претседател на Управниот одбор на „Лимак холдингс“, меѓународна компанија од Турција која е присутна на македонскиот пазар со проектот „Diamond of Skopje“

680

Вие сте раководител на голема меѓународна компанија, „Лимак холдингс“ од Турција. Оваа година, Вашата компанија беше рангирана на педесеттото место на списокот најдобри меѓународни изведувачи што годишно го објавува „Engineering News Records“. Која е формулата за успех и во време кога меѓународните пазари се резервирани или дури и стагнираат? Дали може да дадете совети од корпоративна и од лична перспектива?

Верувам дека за да биде успешна, една компанија мора да се приспособи на промените, мора да биде отпорна, особено во нестабилни времиња, особено за време на ковид-19 и постпандемскиот период. Успехот не е стагнантен. Напротив, тој е рефлексија на постојаната евалуација, еволуција и подобрување, релевантни за променливите пазари и средини. Раководејќи го „Лимак“, јас и сите други партнери, директори, мора да бидеме свесни за сите нови случувања и да ја водиме компанијата во вистинската насока. Тоа е причината зошто верувам дека следењето на глобалните движења преку различни платформи е исто толку важно колку и водењето на вашиот бизнис.

Вториот аспект е повеќе личен. Верувам дека не може да има успех без напорна работа. Затоа, се трудам да работам понапорно од другите во мојата компанија за да водам преку пример. Кога станува збор за мојата лидерска улога во „Лимак“, огромен дел од мојата деловна култура и филозофија е концептот „раководење преку служење“. Тоа значи дека постојано преоценувам како можам најдобро да им служам на оние што работат за „Лимак“ и како можам да се развивам. Го преиспитувам сопствениот начин на раководење, осигурувајќи се дека е погоден за остварување на целите, во околностите во кои се наоѓаме, а кои постојано еволуираат и стануваат сè покомплексни.

Цврсто верувам дека успехот им се случува на оние што се навистина страсни во работата што ја работат. Среќна сум што можам да кажам дека мојата работа е мојата вистинска страст. Сите проекти, сите сектори и сите локации каде што работи „Лимак“, ми носат радост и носат вистинска вредност на локалните пазари, на заедниците, како и на вработените што работат на проектите. Се трудам да се осигурам дека, како компанија, ќе направиме разлика секаде каде што работиме, било преку поддршката за локалните заедници или преку работните места што ги обезбедуваме за локалното население.

Вие сте присутни на македонскиот пазар преку проектот „Diamond of Skopje“. Како напредува овој мултифункционален проект и како би ја оцениле бизнис-климата во земјава?

„Diamond of Skopje“ е неверојатно возбудлив проект за „Лимак“ и за мене лично. Тоа е уникатен проект во срцето на градот, кој ќе го трансформира начинот на кој живеат и комуницираат луѓето со својата околина и кој ќе привлече цели заедници на една централна локација во центарот на градот. Како што многу добро знаете, проектот претставува  комбинација од нов трговски центар, хотел со пет ѕвездички, четири станбени кули, деловен центар, паркинг-простор, како и голема зелена површина за рекреација. Наша цел е да го направиме „Diamond of Skopje“ главна дестинација, локација во градот која мора да се посети за шопинг, јадење и за дружење, како и да се осигуриме дека има зелен простор за рекреативни активности. Сигурна сум дека секој ќе најде нешто што ќе му се допадне во „Diamond of Skopje“. Во комплексот воведуваме различни уникатни концепти, како што е просторот за едукација и забава од 7.000 m² во трговскиот центар, одлична храна и атмосфера во Гурманската авенија, како и опцијата Д Плус за станарите, кои добиваат пристап до приватна соба за игри, место за караоке, кино, пилатес или музички простор.

Проектот треба наскоро да биде завршен,  што е доказ за силата, предвидливоста, амбициозноста и за издржливоста на економијата на Северна Македонија. Во тековниот геополитички контекст и глобалната економија, мошне храбро и амбициозно е да се има апетит за вакви типови мултифункционални проекти, кои комбинираат станбени, малопродажни и комерцијални простори. Секако, со нетрпение очекувам уште идни проекти во оваа убава земја. Навистина уживам што доаѓам овде и би сакала да имам повеќе време да ги истражувам природните убавини и историските локалитети, како и да уживам во прекрасната храна и во гостопримството.

Водите градежна компанија, вообичаено индустрија во која доминираат мажите. Како се справувате со ваквите стереотипи и дали има зголемен интерес за градежниот сектор кај девојките и жените?

Вистина е дека, за жал, мажите сè уште доминираат во оваа индустрија. Се работи за нерамнотежа, која се трудам да ја поправам. Јас сум инженер по струка и тоа е мојата животна страст. Кога ја започнував кариерата, околу мене немав многу женски примери во областа на техничките науки и ми беше предизвик да се поврзам со многуте машки колеги. Реалноста е дека морав да работам во окружување во кое доминираат мажите и тоа многу пати ме доведе во ситуација да ги поместувам сопствените граници.

Како резултат на тоа, моја лична цел беше да ја инспирирам следната генерација женски инженери и да им овозможам нивниот професионален пат да биде полесен од мојот. Една од моите омилени изреки – и еден вид лично мото – е дека не можеш да бидеш она што не можеш да го видиш. Верувам дека е важно да бидете опкружени со луѓе кои ве инспирираат и на кои се угледувате. Поради моето лично искуство, отсекогаш сум сакала да започнам проект што ги поддржува жените и девојките заинтересирани за инженерството, кои сакаат да продолжат со професионалната кариера во областите поврзани со науката, технологијата, инженерството и со математиката.

Среќна сум и горда што го остварувам овој сон преку проектот „Девојки инженери од Турција“ на „Лимак“, кој го започнавме во 2015 година. Програмата им овозможува инженерско образование на младите жени, како и обука за меки вештини, како лидерство и англиски јазик, како и менторство и можности за вработување. Во текот на изминатите седум години, стотици студентки во Турција и во Кувајт имаа корист од програмата и ние сме возбудени, бидејќи се надеваме дека многу скоро ќе ја прошириме и во Македонија, преку проектот „Global Engineer Girls“. 

Како ја доживувате општата слика во однос на родовата еднаквост на глобално ниво? Дали се движи напред или назад?

Светскиот економски форум (WEF) е платформа што внимателно ја следам и преземам активна улога. Секоја година, WEF објавува глобален извештај за родовиот јаз, и верувам дека секој од нас треба внимателно да го прочита. Што се однесува до годинашниот извештај, главниот заклучок е дека и покрај нашите напори и напредок во постигнувањето родова еднаквост, сепак, ќе ни требаат 132 години за да постигнеме целосна изедначеност. Тоа значи дека ниту нашите внуци нема да живеат во целосно родово еднаков свет! Тоа е навистина разочарувачки. Настана регресија поради последиците од пандемијата и глобалниот конфликт и сега мора да работиме уште понапорно од порано за да ги ублажиме последиците.

Дополнително, треба да разбереме дека ова е проблем што не ги засега само жените туку го засега секој човек на планетата. Затоа сега, повеќе од кога било, сум убедена во потребата да се инвестира во нашата младина, особено кај жените и девојките. Ова е, всушност, мојот личен и воедно примарен фокус на „Лимак“ во активностите што ги спроведуваме кои имаат општествено влијание, при што особено инвестираме во образованието и во вештините за вработување на девојките што студираат инженерство. 

Ќе бидете дел од маратонот во Скопје, на кој ќе учествувате со Вашиот тим од „Лимак Скопје“. Дали сте често дел од вакви активности и која е Вашата порака?

Сакам да спортувам и да ги поместувам моите лични граници. Сум учествувала на голем број маратони, на многу различни локации и средини и не можев да ја пропуштам можноста да трчам и во Скопје. Веќе неколку месеци тренирам и се подготвувам заедно со тимот на „Лимак Скопје“ и навистина сме мотивирани да се претставиме добро заедно. Верувам дека овој вид физички и ментален тренинг не само што ми помага да останам во форма туку и ме зближува со мојот тим и ме прави подобар лидер. Би ги охрабрила сите да ни се придружат за време на маратонот и да ги одржуваме умот и телото што е можно поздрави.