Стопанска банка АД – Скопје е име, бренд кое поврзува генерации, историски развојни проекти и 77 години зрачи со доверба, претставувајќи столб на економијата, но уште позначајно е дека сите овие години Банката е финансиски партнер на семејствата. Банка е во најдобра кондиција од кога било претходно – здрава, силна и профитабилна, со силен капацитет за заштита на интересите на депонентите како и интересите на сите вклучени страни. Не го знаеме изворот на  шпекулациите ниту нивната намера, тоа е во надлежност на други, државни органи, но мора да нагласиме дека сепак огромно мнозинство од граѓаните веруваат во банкарскиот систем, вели во интервју за весникот ВЕЧЕР, Диомидис Николетопулос, генерален извршен директор и претседател на Управниот одбор на Стопанска банка АД – Скопје.

 

Весна МИЌИЌ БОЖИНОВСКА

Со години наназад, Стопанска банка е една од најдобрите, ако не и најуспешната Банка во државата. Дури и во година на пандемија и затворања, Банката постигна исклучителни резултати и одлична профитабилност. 2020 година ја заврши со позитивен резултат од 32 милиони евра, а овој тренд продолжува и годинава. Објавените резултати од првото тримесечје бележат 9 милиони евра добивка пред оданочување според меѓународни стандарди. Располага со најголемо кредитно портфолио од 1,2 милијарди евра, силна депозитна база од 1,4 милијарди евра и најголем банкарски капитал во земјата од речиси 300 милиони евра со кои адекватно се покриени сегашните и идните потреби за капитал на Банката. Сепак, наспроти ваквиот статус и одличните резултати, неодамна се појавија гласини за системските банки, а конкретно за Стопанска банка, создавајќи забуна кај граѓаните и оставајќи простор за шпекулации на штета не само на реномето на банкарскиот сектор туку и на економијата во целина. За Банката, за Групацијата, за успехот и за актуелните теми, разговараме со првиот човек, Диомидис Николетопулос, генерален извршен директор и претседател на Управниот одбор на Стопанска банка АД – Скопје.

Г. Николетопулос, во Стопанска банка АД – Скопје сте од 2009 година и веќе осум години сте на чело на Банката. Ако некој ја познава Банката и нејзината моментална состојба тоа сте Вие и Вашиот тим кој, сите овие години ја води Банката со голем успех. Но, со оглед на одредени шпекулации во изминатиов период, прво да прашаме – дали  има некаков проблем со Стопанска банка АД – Скопје?

Благодарам на директното прашање. Веднаш категорично ќе кажам не!!

Не само што воопшто нема никаков проблем, напротив, Стопанска банка е во најдобра кондиција од кога било претходно – здрава, силна и профитабилна, со силен капацитет за заштита на интересите на депонентите како и интересите на сите вклучени страни.

Како и досега, репутацијата на Банката, сигурноста на депозитите и воспоставениот оперативен модел, изграден следејќи ги најдобрите практики и високите светски стандарди, за нас претставуваат врвен приоритет, па уште еднаш би сакале да ги увериме граѓаните дека нивните средства, без никаков сомнеж, се целосно сигурни во нашата Банка.

Деновиве во јавноста се лиферуваат одредени шпекулации кои одат на штета на банкарскиот систем, дел од нив и на сметка на Стопанска банка. Што мислите, од каде доаѓаат  шпекулациите и што би им порачале на вашите депоненти?

Не го знаеме изворот на овие шпекулации ниту нивната намера, тоа е во надлежност на други, државни органи, но мора да нагласиме дека сепак огромно мнозинство од граѓаните веруваат во банкарскиот систем бидејќи имаат беспрекорна соработка со банките и знаат дека само силен и профитабилен банкарски систем може да биде во поддршка на економијата и секако да претставува безбедно место за нивните депозити. Од друга страна, како и секаде во светот така и кај нас, некои од нашите граѓани се почувствителни дури и на целосно неосновани (па ќе ми дозволите да кажам, дури и смешни) гласини и полесно се манипулирани од страна на оние што, од непознати причини, гледаат интерес во нарушување на довербата во банкарскиот систем.

Затоа, наша силна препорака до граѓаните е да ги анализираат изворот, валидноста и рационалноста на информациите кои доаѓаат до нив, критички да ги проверат и да го формираат своето мислење консултирајќи упатени лица во оваа област со објективни факти како финансиските извештаи, кои Банките транспарентно ги објавуваат за своето работење на секои 90 дена. Секако, сите свои прашања можат да ги постават до вработените во банките на кои им веруваат, а потоа и со компетентните институциите и авторитети за надзор на работата на банките, како што е Централната банка.

Стопанска банка АД – Скопје е име, бренд кое поврзува генерации, историски развојни проекти и 77 години зрачи со доверба претставувајќи столб на економијата, но уште позначајно е дека сите овие години Банката е финансиски партнер на семејствата. Затоа, не заборавајте дека нашиот менаџмент и сите наши 1.000 вработени се достапни за отворена комуникација и можат како и досега да ви помогнат да донесете најсоодветна одлука за вашите финансии.

 Светот се соочува со пандемијата повеќе од една година. Како оваа здравствена криза влијаеше врз работењето на Стопанска банка?

Како што споменав, Стопанска банка АД – Скопје денес е во најдобра состојба од самиот почеток на својата 77-годишна историја. Едноставно, од почетокот на 2000-тита години наваму Банката прерасна во силна, висококапитализирана банка подготвена да излезе во пресрет на барањата на клиентите и благодарение на својата широка мрежа и супериорната развојна стратегија денеска е високопрофитабилна, современа финансиска институција. Нашиот постојан одговор на сите предизвици со кои се соочуваме, се нашите одлични финансиски резултати во целиот овој изминат период,  благодарение на кои имаме здрава основа да продолжиме да им бидеме  поддршка на клиентите, како и на економијата во целина.

За време на овие големи предизвици, кои ни ги наметна пандемијата со ковид-19, 2020 година ја завршивме со позитивен резултат од 32 милиони евра, со што уште еднаш сме најдобри во високо конкурентното опкружување. И оваа година продолжуваме со истиот успех. Објавените резултати од првото тримесечје бележат 9 милиони евра добивка пред оданочување според меѓународни стандарди. Располагаме со најголемо кредитно портфолио од 1,2 милијарди евра, силна депозитна база од 1,4 милијарди евра и најголем банкарски капитал во земјата од речиси 300 милиони евра со кои адекватно се покриени сегашните и идните потреби за капитал на Банката.

Нашата сила се нашите клиенти и со големо чувство на одговорност направивме сè што можевме да помогнеме и да обезбедиме поддршка за сите во периодот на ковид-пандемијата. Одобривме одложена отплата на стотици илјади домаќинства и голем број на компании во 2020 и 2021, помагајќи им постепено да се стабилизираат и вратат кон редовно сервисирање на своите обврски.

Истовремено,  како и целата заедница, Банката се фокусираше на здравјето на своите вработени, на клиентите и на соработниците. Притоа, ги ангажираше своите ресурси за поддршка во реализацијата на економските пакети и широкоградо даде поддршка на здравствениот систем преку многубројни вредни донации насочени во борбата против ковид-19.

Банката продолжи да обезбедува финансиски совети и поддршка за клиентите и да ги насочува кон позитивни решенија. Растеме во речиси сите параметри што ни овозможува да планираме нови амбициозни проекти и планови за оваа и за следните години. Накратко, Банката е во одлична кондиција и клиентите немаат простор за загриженост. Заедно со Банката си ги обезбедуваат своите средства и својата иднина.

 

Зад Стопанска банка АД – Скопје стои NBG групацијата веќе 21 година. Што значи за Банката членството во Групацијата историски гледано и што ќе значи во иднина?

Горди сме што сме членка на NBG Групацијата, една од најважните групации во регионот, и посебно сме среќни што Стопанска банка АД – Скопје продолжува да има свое достоинствено место во 180-годишната историја на NBG. Пред околу 21 година, почна успешното заедничко чекорење на две историски значајни банки во регионот, овозможувајќи ѝ на Стопанска банка АД – Скопје да прерасне во силната профитабилна банка каква што е денес, столб што ја поддржува економијата на Република Северна Македонија, и секако, вреден дел од  NBG Групацијата.

Наспроти пандемијата со ковид-19, финансиските резултати на Групацијата за 2020 година се одлични и достигнувајќи добивка од 328 милиони евра. Ова е посебно значајно за нас, бидејќи придонесува Стопанска банка АД – Скопје, како членка на NBG Групацијата достоинствено да продолжи со истото темпо, како една од најважните финансиски институции во земјата, да работи со супериорни резултати во сите области на дејствување, чувајќи ги депозитите на нашите клиенти и генерирајќи одржлива вредност за сите засегнати страни.

 Што е следно на агендата за Банката за годинава, но и понатаму, во постковид економијата?

Согласно објавените макроекономски проекции од страна на  релевантни институции, економијата во 2021 година се очекува да оствари раст на бруто- домашниот производ кој би се движел во рамки од  3,5%-4% и кредитен и депозитен  раст од околу 6%.

Во тој контекст, како Банка со најголема капитална основа и најголемо кредитно портфолио во земјата, Стопанска банка АД – Скопје очекува да се движи во линија на порастот на пазарот, со зголемување на пазарното учество во корпоративниот сектор и задржување на водечкото пазарно учество во секторот на население, преку понуда на услови и цени кои се согласно конкуренцијата, притоа почитувајќи ги принципите на прудентните кредитни стандарди.

Во делот на депозитното работење, Банката планира задржување на конкурентските услови и понуда на депозити кои ќе ги следат потребите на клиентите како и осовременување на начинот на комуникацијата со клиентите во овој сегмент.

Како и досега, надградбата и осовременувањето на дигиталните канали на комуникација и оператива ќе бидат приоритет во проектното портфолио на Банката. Секако, грижата за вработените и континуираното функционирање на Банката на услуга на клиентите останува да биде примарен фокус на менаџментот како и во досегашниот период.

Со нетрпение очекуваме да се создадат услови во кои повторно ќе можеме да бидеме присутни со нашите масовни настани кои беа одложени заради пандемијата, и повторно сите заедно да создаваме подобар свет за сите. Повторно ќе ги преплавиме улиците со велосипеди на „Вози право, вози здраво“ и повторно ќе ги славиме разликите и поттикнувајќи ја инклузијата низ песна и смеа на „Сонуваме. Менуваме“. До тогаш, секој од нас, со своите постапки, може да придонесе следејќи ги чекорите за враќање на општеството во пред-ковид состојба.