Бев повлечено дете, срамежлив, мирен и не сакав нови средини и нови познанства

Дарко Спејко е единствен Македонец кој победи во „Велики брат“, кој зад себе има успешна спортска кариера и две песни, а неодамна стана и верификуван „Инстаграм“ и „Фејсбук“ инфлуенсер. Првпат одлучи да раскаже какво било неговото детство и тоа само за весникот ВЕЧЕР.

Каков беше Спејко како мал и тинејџер?

– Како мал од шестата година почнав да се занимавам со спорт. Паралелно одев на часови за  применета уметност, а остатокот од времето ми поминуваше како и на секое дете од просечно семејство, во игра и смеа. Моите родители кон мене и моите браќа беа строги во воспитувањето, се даваше предност на вистинските вредности кои и ден-денешен ги негуваме. Бев повлечено дете, срамежлив, мирен и не сакав нови средини и нови познанства. Се плашев од предизвици особено кога ќе ми текне само на натпреварите по гимнастика и моите почесни четврти места како да се плашев да се качам на пиедесталот, а ме делеше малку самодоверба, раскажува Дарко.

– Во средно училиште друга песна, комуникативен, зрел дечко, атлетски граден, мирен, моите можеа да си дозволат да бидам во чекор со моите врсници, имав сè што ми требаше како на мене така и на моите браќа, ни овозможуваа сè, за што сум им многу благодарен и затоа се трудев секогаш да ги оправдам нивните очекувања. Единствено нешто што ме интересираше беше спортот, а тоа негативно ми се одрази на оценките, па еднаш останав и на полагањe. Се сеќавам на моето прво интервју во училишното списание, не знаете колку се смеам во моментов, колку се правев „важен“ тогаш, на две страни интервју со слики, а списанието беше преведувано и на албански и беше делено и во албански паралелки. Тинејџерски години како од домашниот филм „Лаење на ѕвездите“, додава Спејко.

Детските денови на Спејко

Што сонувавте да биде Вашата професија кога бевте дете?

– Како мал сакав да бидам успешен спортист, ако ми верувате уште од најраните години кога ќе ме прашаше некој што ќе станам кога ќе пораснам им кажував тренер, и точно бев фитнес-тренер, и тренер по кошарка. Бев зрел за тие години и бев искрен и скромен, моите идоли беа локалните тренери. Среќа за мене беше да поседувам некаков спортски реквизит, а си замислував и како самиот бренд ме спонзорира, зборувам за периодот до мојата десетта година. Кога ќе имам деца, нивните желби за тоа што сакаат да бидат кога ќе пораснат ќе ги сфатам сериозно, вели Спејко.

Од натпреварот

Кое беше Вашето хоби и како најчесто сте го поминувале времето тогаш?

– Хоби ми беше цртањето впрочем како и денес, возење велосипед ми го креваше детскиот адреналин, особено возење без раце и возев скејтборд и ролери. За време на зимскиот распуст одев организирано преку училиште на зимување, а за време на  лето преку спортски кампови одев на одмор кои траеја и еден месец во Македонија и во соседните земји. Тренирав паралелно неколку спортови па една сабота одев на кошарка, па веднаш после тоа имав тренинг по ракомет, па потоа одев на часови по уметност. Кога ќе ги завршев сите мои обврски како што треба и ако моите родители одлучеа дека сум заслужил ме праќаа на село што за мене претставуваше бескрајна среќа. Деновите поминати на село се моите омилени денови од детството. Играњето „нинтендо“ исто ми претставуваше задоволство како и денес фан сум на видеоигри, раскажува Дарко.

Што беше пресудно за да зачекорите на естрадната сцена?

– Пресудно да зачекорам на естрадната сцена беше огромната популарност која ја стекнав на поранешните југословенски простори преку риалити шоу во кое победив. Да не рече некој кумановец „и овога га вее вејка на белу кобилу“, јас не сум пејач – да расчистиме. Јас не одев на часови по пеење и немам одено во музичко училиште, ги почитувам професионалните пејачи, не е лесно да се стане пејач и затоа не би сакал да ме споредуваат со нив затоа што не сум стигнал до тоа ниво. Не сакам да им пркосам на професијата но, исправено стојам пред микрофонот како и тие. Инаку, неочекувано со мојот другар Тајзи, кој веќе е докажан пејач, направивме две песни. Песните поминаа одлично. Со задоволство ќе ги наведам Лазар Цветковски Цоби и Раста како наши продуценти, вели Дарко.

Дали наскоро би објавиле некоја песна или ќе продолжите како инфлуенсер или имате во план да се вратите на професионалниот спортски живот?

– Периодов сакам да се посветам на нешто друго, музиката ми е во втор план, што не значи дека не пишувам текстови и не следам што се случува на сцената. Кога ќе дојде вистинскиот момент, некој од текстовите можат да бидат реализирани, открива Дарко.

– Што се однесува до инфлуенсот, јас сум инфлуенсер, имал или немал „Инстаграм“ и „Фејсбук“. Ме ангажираат затоа што сум Дарко Спејко, а не затоа што имам огромен број следбеници на социјалните мрежи. Грешка е тоа што се поврзуваат профили на социјалните мрежи со тоа дека е некој инфлуенсер. Моите следбеници не се купени и моите профили се верификувани од страна на „Инстаграм“ и „Фејсбук“, моето влијание е потврдено со тоа што сум јас самиот. И останувам еден и единствен верификуван на двете најпопуларни социјални мрежи „Инстаграм“ и „Фејсбук“ во Македонија, па и на Балканот, некои брендови го ценат тоа, па плаќаат двократно или трикратно за реклама,  додава Дарко.

Бидејќи имате специфичен стајлинг, дали би запловиле во дизајнерски води?
– Мојот стаjлинг е резултат на тимот кој стои зад  мене. Тие секогаш се трудат стајлингот да го усогласат со мојот карактер и став, пораката што сакам да ја пренесам и настанот за кој се подготвувам. Студиото што е во чекор со светските трендови се грижи за мојата фризура. А дали би  запловил во дизајнерски води „Никогаш не вели никогаш“, во моментов сум сконцентриран на други големи цели, па не сакам ништо друго да ми одзема внимание додека не ги остварам. Слаб сум на манекенки, влегувањето во дизајнерски води може скапо да ме чини, открива Спејко.(Маја Анчевска) – Фото: Приватна архива