ИНТЕРВЈУ, АГИМ ЈОНУЗ: Промената на Уставот ќе биде како Преспански- прашање е само моделот по кој опозицијата ќе го смени мислењето!

Иднината на Македонија повеќе не ѝ припаѓа на политичката креативност на еден политички субјект, туку на исполнувањето на задачите кои и се поставени од страна на Европската Унија во смисла на реална „европеизација‘‘ на политичкиот амбиент, кој директно ќе рефлектира на функционалноста на државата, коментира Јонуз во интервју за весникот ВЕЧЕР. Според него, после следните избори кој и да е победник, ќе се оди на варијантата на широка коалиција која има две предности. Првата е асамблирање на политичката и стручна енергија во правец на решавање на проблемите во државата, а со оглед на преголемата штета која и е веќе нанесена на сите нивоа. Втората, според Јонуз, е споделување на одговорноста

567

Новата година ја почнавме со најави за убедување од двете најголеми партии, власта ќе убедува за уставни измени, опозицијата за предвремени избори. Што мислите Вие, што е пореално во моментов? Опозицијата тврди дека ниту еден нивни пратеник нема да подлегне на притисоците, но има ли власта џокер во рака за да се случи невозможното?

Власта е во предност со самото тоа што меѓународната заедница е на нејзина страна кога се во прашање уставните измени. Ќе има секаков вид поддршка. Како страна што го поставува тој услов за продолжување на патот на евроинтегративните процеси, меѓународната заедница секако ќе врши своевиден притисок и на опозицијата. ВМРО е сосема свесно дека ако не го испорачаме она што ни е поставено како услов, Македонија ќе влезе во еден ќорсокак во кој ќе му треба многу време да се извади од него. Дури и доколку има предвремени парламентарни избори, а пред тоа уставните измени не поминат, одговорноста на страната која ќе седне на фотелјата на „Илинденска‘‘ ќе биде огромна и нанесената штета во процесот на преговори со ЕУ ќе мора да има свој данок, кој во тој момент ќе треба да го плати партијата на власт. ВМРО е свесно за тоа, но не може да се одлепи од мегапопулистичкиот вокабулар, со кој што настапува во јавноста, затоа што тоа е единствениот капитал и оружје кое го поседува. Власта нема никаква потреба од некаков „џокер‘‘ за да се случи изгласувањето на уставните измени. Лично сметам дека во редовите на ВМРО колку и да има опонентна атмосфера, сепак има доволно свесна бројка на пратеници кои знаат дека неизгласувањето е на лична штета на државата. Ситуацијата ќе биде слична или идентична на времето кога се потпишуваше Преспанскиот договор. Прашање е само на „моделот‘‘ по кој една група пратеници од опозицијата сепак ќе го смени мислењето. Изгласување на уставните измени е неминовност и тоа го знаат сите. Нема алтернатива за патот напред. Во меѓувреме сè е „политички фолклор‘‘.

Јованка Царулеска Груевска

 -Години наназад ја анализирате политичката сцена во Македонија. Може ли да се очекува стабилно мнозинство по следните избори во Македонија, што би донеле до посериозна политика, особено во однос на националните прашања?

Тоа е горливо прашање и тема на која одамна требаше да ѝ се најде решение, а во смисла на фокусирање кон решавање на потребите на државните приоритети за сметка на партиските и етноцентристичките. Не сметам дека тукутака едноставно ќе се најде некое решение во вид на стабилно мнозинство, затоа што политичкото ткиво не само што е расцепкано до максимум, туку и спротивставено на многу различни нивоа. Мене лично ми е многу по прифатлива теоријата дека после следните избори кој и да е победник, ќе се оди на варијантата на широка коалиција која има две предности. Првата е асамблирање на политичката и стручна енергија во правец на решавање на проблемите во државата, а со оглед на преголемата штета која и е веќе нанесена на сите нивоа. Втората е споделување на одговорноста. Причината е едноставна. Иднината на Македонија повеќе не ѝ припаѓа на политичката креативност на еден политички субјект, туку на исполнувањето на задачите кои и се поставени од страна на Европската Унија во смисла на реална „европеизација‘‘ на политичкиот амбиент, кој директно ќе рефлектира на функционалноста на државата.

-Се добива впечаток дека „огнените“ во ДУИ може да ја расипат математиката кај власта? Вака како што се работите во моментов, може ли да успее нов обид да се изгласа недоверба на Влада?

ДУИ по многу нешта како партија носи свој специфичен политички имиџ. Отсекогаш во ДУИ имало внатрешни недоразбирања и превирања. Ниту на крај памет не треба да му биде некому дека ДУИ во својата „надворешна политика‘‘ во смисла на односот кон политичката сцена може да донесе некакви сериозни промени. Тоа е цврсто политичко тело кога е во прашање нејзината целина како партиципиент во власта. Одговор на тоа дава и податокот кој вели дека колку и да има ликови кои внатре во партијата се некакви ‘„персони нон грата‘‘, сепак е тоа внатрепартиско „циркусирање‘‘ додека сите се едногласни дека  го поддржуваат својот лидер. Опасно би било кога Али Ахмети би бил на тапет во партијата. Нов обид за изгласување на довербата на Владата е беспредметно во случајот, затоа што т.н. Огнената група е свесна дека тоа ќе биде директен удар кон сопствената партија без оглед на тоа колку и какви превирања има.

 -Познавачите на политичките прилики коментираат дека  ДУИ никогаш  не била во подобра позиција, и поради тоа не дава „амин“ за предвремени избори. Колку е ДУИ фактор за вакви големи одлуки, и дали после овој мандат и долги години власт навистина ДУИ ја очекува опозиција?

Како никогаш до сега, можеме да кажеме дека ДУИ е „на врвот‘‘! Која е логиката да аминува за предвремени избори, ако се земе во предвид дека неколку клучни ресори и позиции во власта се во нејзини раце. Нема ниту логика а ниту волја. Тоа е сосема нормално. Тоа значи ‘‘власт, а власта е сласт‘‘!  Но! Ако албанскиот политички кампус го поделиме на „позиција-опозиција‘‘ ќе забележиме дека албанската опозиција добива се поголема сила и бројност, а од причина што незадоволството во народот перманентно расте. Воопшто не би ме изненадило во некој наредни избори ДУИ дефинитивно да прејде во опозиција, впрочем сметам дека тоа е здраво и за самата партија. Да се консолидира и да направи извесни реформи во внатрешниот модел на функционирање на партијата. Колку и да звучи несериозно, но со оглед на тоа дека ДУИ го држи како партнер во власта целото ткиво на СДСМ во некакво заложништво, можеме слободно да кажеме дека на некој начин ДУИ е апсолутист. Тогаш, зошто би барале логика таа да даде амин за предвремени избори на кои неизвесноста кој би победил е како Дамаклов меч над судбината на ДУИ како партија во власта, со најголеми достигнувања од постоењето.

Потребен е национален „бедем‘‘ на кој пишува „Но пасаран‘‘!

 -По францускиот договор и последните услови на Бугарија, имаме ли ние како држава црвени линии?

Ова е многу комплексно прашање. Секако дека имаме, ама не се покажа како народ дека знаеме да ги поставиме како некаква граница. Немаме ни единство, а ни храброст. Со народен јазик кажано, ние имаме многу повеќе „фиктивни‘‘ отколку фактички црвени линии, затоа што ако се држевме до сега до некаква сериозна дистанца почитувајќи ги сериозно црвените линии, многу нешта ќе изгледаа поинаку. Генерално, тоа е радиус ма македонскиот политички кампус како тема, а со оглед дека е засегнат македонскиот идентитет. Албанскиот можеме слободно да потврдиме дека е благо индиферентен. Уште долго време нема да можеме комплетната македонска популација да ја подразбираме како едно кохерентно тело кое стои зад бедемот на македонските државни интереси како целина/ Причината е тоа што сè уште немаме изградено сенс за „нација‘‘ како целина. Македонија е заложник на етноцентристички принцип на учество во „градењето куќа‘‘, во која секој поединец тера своја политика, а со самото тоа и математика. Затоа не може да поставуваме црвени линии. Затоа што нема единство. Потребен е национален „бедем‘‘ на кој пишува „Но пасаран‘‘! А, каде што нема единство нема ни бериќет, нема ни иднина.

ДУИ предлабоко е влезена во сите пори на политичкото живеење за да биде ’политички покојник‘

Во јавноста се шпекулира за наводно враќање на Зоран Заев на чело на СДСМ, и заедничка влада ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, што би значело елиминација на ДУИ по изборите. Можни ли се вакви сценарија?

-Заев да се врати не е возможно од практични причини. како прво, доволно е паметен да не се враќа во хаосот што владее на политичката сцена, а во кој ќе треба да повлекува непопуларни чекори, а како второ тој има сериозни проблеми во редовите на СДСМ со т.н. „скопско крило‘‘. Неговото време е минато, а бизнисите што стојат зад него може само да претрпат штета доколку тој повторно се врати во политиката затоа што реваншизмот ќе биде многу појак од кога БИЛО. ВМРО и СДСМ може да бидат заедничка комбинаторика исклучиво во вид на учество во широка коалиција која е сосема можна по изборите. А, причината не е нивното евентуално „помирување‘‘ туку притисокот на меѓународната заедница „да се сподели одговорноста‘‘ зад која нема да може да има политички турбуленции од видот на „тие се виновни‘‘. Мислам дека единствениот начин да се постави некаков „политички мир‘‘ е таа комбинација. ДУИ е прејака политичка институција за да може туку така некој да ја елиминира. Во нај лоша комби нација можеби ќе ја изгуби силата и моќта која во моментов ја поседува, ама во нејзина „елиминација‘‘ искрено не верувам. Предлабоко е влезена во сите пори на политичкото живеење за да може да биде „политички покојник‘‘, барем не уште еден изборен круг. А, секако, иднината и припаѓа на некои други, нови политички сили кои се во подем. Уште долг период ДУИ ќе биде на „Илинденска‘‘. Ќе се менува формата можеби, но не и суштината, кога е ДУИ во прашање.