Божикното послание на Поглаварот на МПЦ Неговото блаженство, Митрополитот Скопски и Архиепископ Охридски и Македонски и на Јустинијана Прима г. г. Стефан, ви го пренесуваме интегрално.
Скопје, 3 јануари 2019
† СТЕФАН
ПО МИЛОСТА БОЖЈА
АРХИЕПИСКОП ОХРИДСКИ И МАКЕДОНСКИ,
ЗАЕДНО СО СВЕТИОТ АРХИЕРЕЈСКИ СИНОД,
ПО ПОВОД БОЖИКНИТЕ ПРАЗНУВАЊА,
ИСПРАЌА МИР И БЛАГОСЛОВ ОД БОГА
ДО СВЕШТЕНОСЛУЖИТЕЛИТЕ,
МОНАШТВОТО И ДО СИТЕ ЧЕДА
НА МАКЕДОНСКАТА ПРАВОСЛАВНА ЦРКВА
Бог на земјата се јави
и со луѓето поживеа.[1]
Возљубени чеда во Господа,
Многубројни се тајните преку кои Бог се грижи за светот и човекот. Преку тие тајни созданието се облагодатува и воздигнува и е во единство со Бога. Нив Бог ги објавил и преку Црквата ги оставил заради спасение на човечкиот род. А најголема тајна во историјата на светот и човекот е таа дека – Бог се јави во тело[2], дека Бог постана – Богочовек.
Токму празникот Рождество Христово е денот во кој се исполни таа најголема тајна, ветена од Бога – денот без кој ќе беше невозможно спасението на човечкиот род. Овој празник е денот на исполнетото време[3], на остварените пророштва и очекувања, празник – матица на сите празници. Без Рождеството немаше да го има Воскресението, но и без Воскресението немаше да се исполни Божјото вочовечување[4]. Затоа Божик е празник на небоземната радост – денот кога сите битија Го слават Бога и се радуваат на спасоносниот настан!
Тој е највеличествениот ден, денот на неповторливата радост за севкупното создание: ангелите го објавија спасоносното рождество на Синот Божји и Му принесоа славословие; небесата – со болскотот на ѕвездата Му се поклони на Царот над царевите, а земјата Му дари пештера; мудреците од Исток и пастирите од Витлеем со радост Го прославија и Го даруваа Богомладенецот, а човечката природа Му ја дарува Пречистата Богородица – Неговата Мајка. Затоа, нашиот свети Климент, Охридскиот Чудотворец, така поучува: „Милостивиот Господ Бог наш…, Кој се облече во нашето тело сакајќи да го обожи со Своето Божество, денес се раѓа од чиста Дева и како дете се повива во пелени… и во јасли како сиромав човек се положува”[5].
Возљубени празникољупци,
Празникот на Христовото рождество е празник на богославењето, празник на мирот и на добрата волја. Тој е денот кога, според предвечната одлука[6], се родил Најкроткиот и Најсмирениот, денот во кој Бог му дарува мир на сиот свет. Тој е денот кога луѓето, кои во себе Го носат Христа Миротворецот, се придружуваат на светоангелската песна: Слава на Бога во висините, а на земјата мир, меѓу луѓето добра волја[7].
Свети Јован Златоуст, објаснувајќи ги значењето и улогата на мирот, истакнува: „Мирот е мајка на сите добрини, темел на секоја радост и извор на секаков успех”[8]. А ние ќе се покажеме како вистински христијани и миротворци – само ако мирот Божји владее во срцата наши[9] и доколку градиме и го чуваме мирот, и во себе и околу нас. Таму каде што нема вистински мир со Бога, таму нема ни мир ни добра волја меѓу луѓето. Затоа, на овој ден, но и во сите денови од нашиот живот, за миг да се пренесеме во витлеемската пештера – која е симбол на Божјото смирение и на Божјата љубов, и да твориме и возвраќаме со богољубие и со човекољубие. Всушност, колку повеќе растеме, живеејќи ја верата во Бога, толку повеќе ќе имаме љубов и кон Него и кон луѓето!
Меѓутоа, во какви меѓучовечки и меѓународни односи живееме денес, како сѐ уште да не е слушната ангелската песна, како да не е разбрана пораката за мир на земјата и како да не допрел повикот за добра волја меѓу луѓето. Денес многумина зборуваат за мир, а сѐ повеќе тежнеат кон војна, зборуваат за благосостојба, а сејат кризи меѓу земјите и народите. Па има ли денешнава генерација морални и мудри луѓе, кои човештвото ќе го насочат кон искрено и вистинско човекољубие? Има ли денешново човештво пастири, кои народите ќе ги упатат по патот на вистината и животот? И има ли некаде, па и меѓу нас, слични на оние витлеемци, кои во срцата и душите свои ќе најдат место и ќе Му подарат пештера на Господа? Конечно, ќе го најде ли современото човештво вистинскиот пат, патот на мирот Божји што надвишува секој ум[10], или, пак, ќе продолжи кон бездната на злото и гревот, кон раздори и војни?!
Возљубени чеда во Христа Спасителот,
Личноста на Богомладенецот, никогаш не му била попотребна на човечкиот род и на светот како денес. Тој прекрасен небесен Гостин дојде меѓу нас луѓето, за да влезе под покривот на нашите души, да почука на вратата од нашите срца и да влезе во секој дом. Бог постана Богочовек, за човекот да тргне по патот кој води кон Него, да ги разбере вистината, правдата и љубовта и вистински да живее според заповедите и законот Божји. И ова наше време е вистинско време за конечно да го најдеме и да тргнеме по патот Господов. А тоа ќе можеме да го направиме само доколку најпрво се помириме со Бога, потоа со самите себе и со сите околу нас. „Со ништо не можеме толку да Го подражаваме Христа, како со грижата за ближните“[11], вели свети Јован Златоуст. Тоа ќе го направиме ако вистински се покаеме за нашите гревови, ако стариот грешен човек го замениме со нов – охристовен и облагодатен. А токму во личноста на Господ Исус Христос даден ни е пример[12] и во Него имаме образец какви треба да бидеме. Преку Него ни се даде можност како да се преобразиме во нов човек, како да Го придобиеме Светиот Дух и како духовно да се издигнеме.
Возљубени во Господа,
Патот кон вечниот живот, води преку нашата борба со гревот. Секој грев оддалечува од Бога, па, затоа, потребно е да се спротивставуваме на секое зло, трудејќи се преку вера и добри дела да ја возобновиме заедницата со нашиот Создател. Бог го очекува нашето поправање, очекува да го отфрлиме гревот, па преку покајанието духовно да се препородуваме и воздигнуваме. Бог постојано чука на дверите од нашите срца и ни порачува: pо примерот на Светиот кој ве повика, и вие бидете свети во сите ваши постапки[13]. Зашто „не постои грев од кој не можеме да се поправиме преку покајанието…“[14]. „Покајанието е лекарство кое го уништува гревот; тоа е небесен дар, чудесна сила… Тоа сѐ поправа и сѐ преобразува! Тоа не го одбегнува и не го осудува грешникот, туку го преобразува, затоа што тоа лекува од сите гревови”[15].
Господ Исус Христос ни порачал: Блажени се чистите по срце, оти тие ќе Го видат Бога[16]. Па, само со такви, охристовени срца, ќе можеме да постанеме вистински благовесници на мирот и љубовта, трудејќи се да го запазиме единството на Духот преку врските на мирот[17] и тежнејќи кон заемно обединување со сите богољубиви и човекољубиви луѓе и народи. Впрочем, „на Бога се уподобуваме тогаш кога постапуваме во согласност со вистината, кога сме човекољубиви, кога покажуваме милосрдие кон ближните и кога сме исполнети со добродетели“[18].
Возљубени чеда на мајката Македонска Црква,
Во годината во која зачекоруваме, ќе одбележиме некои годишнини за настани и личности од нашето поблиско и подалечно минато, меѓу кои: 1150 години од упокојувањето на сесловенскиот просветител и рамноапостол, свети Кирил Солунски; 700 години од живописувањето на манастирот Зрзе; 200 години од раѓањето на Дичо Зограф; 60 години од хиротонијата на блаженоупокоените епископи, Преспанско-битолскиот Климент и Злетовско-струмичкиот Наум – членови на првиот Синод на возобновената Охридска архиепископија во лицето на Македонската православна црква…
Веќе 2000 години чекориме по нашата богоблагословена земја и ја следиме ѕвездата од Исток. Како чеда на Македонската православната црква, повикани сме да учествуваме во сеопштата Божикна радост со сите благочестиви христијани ширум светот. Без разлика каде и да живееме, во татковината или населени по светот, треба да ги примиме спасоносните пораки и да бидеме градители на мирот и добрата волја. И оваа наша генерација треба да се угледа на доблесните наши татковци и дедовци и да покаже достојна грижа за националните вредности и посебности што како народ ни се дарувани од Бога и оставени како аманет од нашите претходници. Да си ги чуваме верата православна и Црквата Светиклиментова, нашето духовно и национално единство, како и нашата татковина Македонија – за и тие да нѐ зачуваат нас. Амин!
Честит Божик и од Бога благословено Новото лето Господово! Христос се роди!
АРХИЕПИСКОП
ОХРИДСКИ И МАКЕДОНСКИ
† С Т Е Ф А Н
Заедно со членовите на Светиот архиерејски синод
на Македонската православна црква – Охридска архиепископија
† ПЕТАР, Митрополит Преспанско – пелагониски и
администратор Австралиско – новозеландски
† ТИМОТЕЈ, Митрополит Дебарско – кичевски и
администратор Австралиско – сиднејски
† НАУМ, Митрополит Струмички
† АГАТАНГЕЛ, Митрополит Повардарски
† МЕТОДИЈ, Митрополит Американско – канадски
† ПИМЕН, Митрополит Европски
† ИЛАРИОН, Митрополит Брегалнички
† ЈОСИФ, Митрополит Тетовско – гостиварски
† ЈОСИФ, Митрополит Кумановско – осоговски
† ГОРАЗД, поранешен Митрополит Европски
† КЛИМЕНТ, Епископ Хераклејски
† ЈАКОВ, Епископ Полјански
Божик, 2018 лето Господово
[1] Варух 3. 38
[2] 1 Тим 3, 16.
[3] Гал 4, 4.
[4], Цит. сп Влахос, Јеротеј, Господовите празници, Скопје 2011, 20.
[5] Сп. Свети Климент Охридски, Собрани дела: Слова, поуки, житија, Скопје 2012, 83.
[6] Еф. 3, 11.
[7] Лк 2, 14.
[8] Цит. сп. Панчовски Иван, Живот и срећа у светлост хришћанства, Ниш, 1975, 142.
[9] Сп. Колос 3, 15.
[10] Филип 4, 17.
[11] Иоанн Златоуст, Творения, т. 10, Санкт-Петерсбург, 1904, 247.
[12] Сп. Јн 13, 15.
[13] 1. Птр 1, 15.
[14] Цит. сп. Ибрашимов, Г., Духовни бисери од светите отци, Скопје 2001, 36.
[15] Цит. сп. Архимандрит Серафим, Заборавеното лекарство, Софија 1992, 19.
[16] Мт 5, 8.
[17] Еф 4, 3.
[18] Иоанн Златоуст, Творения т. 6, Санкт-Петерсбург, 1904, 448.