Институциите со нови имиња – едни национални, други северни, македонското се брише!

120

Институциите се преименуваа во “национални” или ја добија додавката “северна”. Со владина Одлука, новото име Република Северна Македонија ќе го добијат вкупно 136 државни, јавни и институции финансирани од Буџетот, согласно Преспанскиот договор и направените уставни измени.
Уставниот и Врховниот суд, Јавното обвинителство, Судскиот совет, Државното правобранителство, Советот на јавни обвинители и Народниот правобранител ќе бидат на „Република Северна Македонија”, како и Собранието, Владата, министерствата, Народната банка, агенциите (за вработување, за иселеништво, за странски инвестиции, за храна и ветеринарство). „Република Северна Македонија” ќе важи и за Централниот регистар, Регулаторната комисија за енергетика, Државниот архив, Природонаучниот музеј, Црвениот крст, Службениот весник, Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски”, Фондот за пензиско, Институтот за јавно здравје, Струшките вечери на поезијата, Кинотека, Музејот на современа уметност, Драмскиот театар, Македонскиот народен театар, АД ЕЛЕМ, Јавното претпријатие „Водостопанство”, националните паркови Маврово, Галичица и Пелистер. И Македонски железници станува Железници на Република Северна Македонија.
Филхармонијата од „Македонска” ќе се преименува во „Национална”, но пред името, наместо Република Македонија ќе треба да стави „Република Северна Македонија”. Истото важи и за Македонската опера и балет. Национални стануваат и Македонската радио-телевизија и Јавното претпријатие „Македонска радиодифузија” кое се преименува во „Национална радиодифузија”. Во „Национална” се менуваат и Македонска пошта, како и Македонската банка за поддршка на развојот. Уставниот и Врховниот суд, Јавното обвинителство, Судскиот совет, Државното правобранителство, Советот на јавни обвинители и Народниот правобранител ќе бидат на „Република Северна Македонија”, како и Собранието на државата.

-Институциите во земјава треба да ги променат своите називи во разумен рок или согласно вообичаените административни практики, што е во духот на Договорот од Преспа. Со тоа ќе бидат испочитувани одредбите од Договорот, порача шефот на дипломатијата Никола Димитров. Потенцираше дека според Преспанскиот договор, една е насоката што треба да се почитува во однос на институциите согласно новото име Република Северна Македонија, а друга е линијата што се однесува на идентитетот, односно се што е поврзано со идентитетските прашања.

-Во овој случај формалното име, на пример, на Армијата би била Армија на Република Северна Македонија, бидејќи тоа е сега уставно име на државата, но, на пример, во случајот со Македонски народен театар, имаме етнички елемент и најверојатно ќе биде Македонски народен театар, рече Димитров.

Во однос на МАНУ напомена дека тоа е државна институција, но таму има одредена специфика и изрази надеж дека ќе се најде, како што истакна, добро решение за оваа институција.

Министерот за надворешни работи потсети дека тоа што МНР го направило кон Обединетите нации, билатерално кон државите во светот и другите меѓународни институции сега се прави во однос на државните институции, бидејќи е важно праксата да биде униформирана согласно Договорот од Преспа.