Противзаконски урбан комплекс во Студенчишко Блато кој се развива благодарение на неспроведувањето на службената должност од страна на надлежните инспектори, истакнуваат од Фронт 24/42. Оттаму имаат забелешки на постапувањето на Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) и потенцираат дека ДИЖС „постапи на начин со кој привидно ја спроведува должноста, додека суштински не го попречуваат  уништувањето на блатото со бесправното градење“.

– Свесни за прекршувањето на Решението за привремена заштита на Студенчишко блато, откако ги откривме дивоградбите веднаш испративме иницијатива за вонреден надзор до ДИЖС. Прво се обидоа да не го спроведат надзорот за што законски се обврзани, давајќи ни невистинита информација дека не е во нивна надлежност (да постапат по Законот за заштита на природата?), туку во надлежност на локалниот градежен инспектор, кој веќе постапува (кој всушност постапи цел месец подоцна). Се прашуваме што ако иницијативата ја поднесеше некој граѓанин, кој нема зошто темелно да ги познава сите релевантни закони, бидејќи тоа е обврска на ДИЖС, а не на граѓаните – велат од Фронт 24/42.

Оттаму нагласуваат дека во првиот надзор, тројца инспектори кои излегле на терен констатирале неправилности поради дивоградбите.

– Но наместо да го донесат законски обврзното решение со мерки и рок за отстранување на неправилностите, предметот го префрлија на Општина Охрид. По вториот надзор, во кој исто така утврди неправилности, државниот инспектор за природа, повторно наместо да донесе решение со мерки и рок, и укажа на општината дека додека трае привремената заштита не смее да се спроведуваат активности од постечкиот ГУП и дека треба да се забранат градежни активности – велат од Фронт 24/42.

ИЗДВОЕНИ