Иницијатива за разрешување на Данела Арсовска од ЗЕЛС

128

Градоначалникот на Радовиш, Ацо Ристов, најави иницијатива за разрешување на скопската градоначалничка Данела Арсовска како претседателка на наредната седница на управниот одбор на Заедницата на единиците на локални самоуправи.

Според членот на УО на ЗЕЛС, дискусијата е неизбешна, поради како што вели, пасивизацијата на организацијата. Според Ристов, ваквите реакции се оправдани откако се покажа дека годината што изминува беше погубна за општините .

„Најверојатно по Нова година на наредната седница ќе треба да ги отвореме сите овие прашања, да направеме ретроспектива на минатата година. Да ги видеме резултатите,да видеме што сме поставииле како цели и што сме постигнале. И врз основа на тоа ние треба да донесеме соодветна одлука, дали ќе менуваме нешто во управувањето или во пристапот во кој ЗЕЛС ќе дејствува понатаму“ -изјави Ристов.

Тој додаде дека се дозволила перцепција на општините како непријатели на државата во изминатиот период и дека не се изнашле решенија за други проблеми со кои главно се соочуваат локалните самоуправи.

Без решение, вели тој, останаа проблемите со полагањето на директорските испити, уличното осветлување, распределбата на вкупниот буџет како и непоставувањето на критериуми и механизми за распределба на парите за капитални инвестиции кои во моментот се распределуваат по желба на министрите, а не на граѓаните.

„Ние како управен одбор, учесници на ЗЕЛС не успеавме мината година да мрднеме по ниедна точка. Прво мемерондамот за соработка Владата не сакаше да го потпише…Јас сум апсолутно незадоволен од она што ние како ЗЕЛС го направивме. Општините не добија ништо, напротив изгубивме многу. Упорно се однесуваме како да сме странци. Општините непријатели на државата, тоа го нема во ниеден систем на светот“, дополни Ристов.