Индија и Русија преговараат за договор за слободна трговија

196
EPA-EFE/HARISH TYAGI

Индија и Русија преговараат за договор за слободна трговија, изјавија денеска нивните министри. Договорот ќе ги продлабочи трговските односи меѓу двете земји кои се во подем по избувнувањето на војната во Украина.

Индискиот министер за надворешни работи С. Џаишанкар на собирот во Њу Делхи изјави дека се договориле за „прелиминарен договор“, а рускиот министер за трговија и индустрија, Денис Мантуров, рече дека договорот за слободна трговија ќе гарантира билатерални инвестиции.

Индија директно не ја критикуваше руската инвазија на Украина, која Москва ја смета за „специјална воена операција“, и повика на мирно решавање на конфликтот преку дијалог.

Русија, традиционалниот индиски снабдувач со воена опрема, минатиот месец исто така стана и главен снабдувач на Индија со сурова нафта, истиснувајќи го Ирак. Вкупниот увоз на Индија од Русија се зголеми речиси четири пати во текот на минатата година, на 46,33 милијарди американски долари.

Москва настојува да го зголеми увозот на машини од Индија за да го подобри трговскиот биланс, најави Мантуров.

„Во граѓанските проекти ни треба широка соработка како што беше пред санкциите“, рече Мантуров.

Ројтерс во ноември објави дека Русија сака да увезе повеќе од 500 производи од Индија за клучните сектори, вклучувајќи автомобили, авиони и возови.

Индија, исто така, сака да го намали се поголемиот трговски дефицит со Русија, која е нејзин најголем снабдувач со воена опрема и четврти по големина пазар за нејзините лекови.

Џаишанкар рече дека индиските бизниси можат да имаат корист од руската технологија и дека Њу Делхи работи на решавање на прашањата за плаќање, сертификација и логистика.