Инвестиции во оптичката инфраструктура против дигиталниот јаз

76

Во тек е ново мапирање за покриеноста со фиксни брзи и ултра брзи бродбенд (широкопојасни) пристапни мрежи. Податоците ќе бидат основа за изработка на Студија за изводливост за воспоставување оптичка инфраструктура во местата за кои операторите немаат идни планови за развој на вакви мрежи. Доколку и покрај воспоставувањето на оваа оптичка инфраструктура операторите не покажат интерес за развој на бродбенд мрежи и услуги, во тој случај според надлежните институции, ќе се обезбеди државна помош почитувајќи ги правилата на ЕУ.

Идните инвестиции во дигиталната инфраструктура и за исполнување на дигиталната агенда, според приватниот сектор, треба да бидат резултат на партнерски пристап на државата и операторите.

-Дигиталните патишта, односно комуникациската инфраструктура е исклучително важна за економијата, но засега овие инвестиции се само од приватни инвеститори. Потребна  е поддршка од државата, во смисла на заеднички пристап, субвенции во ова поле, олеснување на бирократските процедури и слично. Државата треба да придонесе кон инвестициите во дигиталната инфраструктура, а операторите, кои имаат искуство и експертиза во нивно одржување, да бидат релевантен партнер на јавниот сектор во постигнување на дигиталната агенда. За исполнување на дигиталната агенда потребен е партнерски пристап на државата и операторите, изјави за МИА генералниот директор на Македонски телеком Никола Љушев.

Според него,  големите приватни инвестиции во инфраструктурата засега овозможуваат еднаков пристап на граѓаните. Но, укажува, приватните инвеститори ќе дојдат до степен кога овие инвестиции нема да бидат профитабилни или ќе ги истрошат расположливите ресурси за нови технологии кои ги налага дигиталното време.

– Тоа секако ќе влијае на зголемување на дигиталната поделба или дигиталниот јаз. Затоа како што споменав за да изградиме еднакво дигитално општество неопходен е партнерски пристап на сите чинители, и бизнисот и државата. На пример во ЕУ постојат соодветни фондови за оваа намена. Кај нас се поставуваат гигабитни таргети, кои се на товар исклучиво на операторите, укажува Љушев.

Новиот министер за информатичко општество и администрација Азир Алиу за МИА вели дека ги поддржува ваквите иницијативи, а веќе остварил средби со компании и телеком оператори.

-По моето назначување на функцијата министер, остварив средби со неколку компании и телеком оператори со кои разговаравме на оваа тема. Факт е дека се големи проекти со големи инвестиции, а истите значат многу за бизнисите и граѓаните. Еден од телеком операторите побара неколку компании заеднички да инвестираат во инфраструктура која ќе направи поврзување на населените места во западна Македонија. Како Министерство ги поддржуваме ваквите иницијативи и најмалку што можеме е да седнеме заедно со поголемите оператори и најдеме решение. Имајќи предвид дека веќе се започнати градежни активности за автопатот, сметам дека ваквите иницијативи треба да се поддржат и искористи можноста за воспоставување на инфраструктурата. Сите можности кои законот ги дозволува, треба да се искористат и да се најде начин како заеднички да ги подобриме услугите кон граѓаните и бизнисите, изјави Алиу.

Пред да се преземе конкретен чекор, според него, потребно е да се направи добра SWOT анализа која ќе ги анализира и детализира сите чекори во подолг период и каде што сите засегнати страни ќе знаат јасно која е нивната задача и улогата. Исто така, посочува министерот, многу е значајно да се има и предвид финансискиот дел и дали ќе има некој потпишан документ или Меморандум.

Со мапирањето на покриеноста со фиксни брзи и ултра брзи бродбенд (широкопојасни) пристапни мрежи (NGA мрежи) што го спроведе АЕК во 2018 година, беа утврдени бели зони (населени места – најчесто села, во кои не постои фиксна брза/ултра брза бродбенд пристапна мрежа а нема идни планови од оператори за развој на вакви мрежи), сиви зони (населени места во кои постои само една фиксна брза/ултра брза бодбенд пристапна мрежа а нема идни планови од операторите за развој на дополнителни вакви мрежи) и црни зони (населени места -најчесто градови, во кои постои повеќе од една фиксна бродбенд пристапна мрежа) во државата. 

Според податоците на АЕК од 2021 година, од 24,93 проценти од домаќинствата во државава во бели зони (населени места во кои не постои фиксна брза/ултра брза бродбенд пристапна мрежа а нема идни планови од оператори за развој на вакви мрежи) 23,8 проценти се во руралните средини. Од мапираните 58,89 проценти од домаќинствата во црни зони (населени места -најчесто градови, во кои постои повеќе од една фиксна бродбенд пристапна мрежа) на руралните места отпаѓаат само 6,25 проценти.  Од 16,8 проценти во сиви зони (населени места во кои постои само една фиксна брза/ултра брза бодбенд пристапна мрежа а нема идни планови од операторите за развој на дополнителни вакви мрежи),  9,82 проценти  се во руралните средини.

Со Националниот оперативен бродбенд план (НОБП) подготвен според правилата на ЕУ за државна помош се утврдени национални бродбенд таргети  со цел да се намали дигиталниот јаз, односно да се обезбеди рамномерен развој на бродбенд на целата територија на државата со особен акцент на обезбедување бродбенд покривање на белите зони т.е селата.

Како што објаснува министерот Азири, согласно НОБП, државна помош примарно ќе се обезбедува за развој на фиксна оптичка инфраструктура за поврзување на белите зони (оптичко поврзување од град до бела зона/села), а со крајна цел развој на бродбенд мрежи во овие зони/села од страна на операторите. Оваа оптичка инфраструктура (град-бела зона/село) ќе се воспостави само таму каде од страна на операторите е кажано дека не постои и немаат идни планови за развој на вакви мрежи.

-Оптичката инфраструктурата (град-бела зона/село) согласно закон ќе ја воспостави ЈП МРД кое транспаренто ќе ги изнајмува слободните оптички влакна од оваа инфраструктура на сите оператори кои планираат развој на бродбенд мрежи и обезбедување услуги за домаќинствата во овие бели зони/села. ЈП МРД преку оптичката инфраструктурата нема да обезбедува малопродажни услуги за крајни корисници. Големопродажните цени за изнајмување на слободните оптички влакна, ЈП МРД ќе ги утврдува во соработка со АЕК. Операторите ќе можат да го следат воспоставувањето на оваа оптичка инфраструктура (град-бела зона/село), со што ќе можат навремено да ги планираат своите идни инвестиции во покривање со бродбенд мрежи на белите зони. Доколку и покрај воспоставувањето на оваа оптичка инфраструктура до одредени бели зони, операторите не покажат интерес за развој на бродбенд мрежи и услуги, во тој случај државна помош ќе се обезбеди и за развој на бродбенд мрежи во тие бели зони почитувајќи ги правилата на ЕУ за државна помош, објаснува Азири.

На почетокот на годинава е одобрена техничка помош преку инструментот EU Integration Facility за подготовка на Студија за изводливост за воспоставување на оптичката инфраструктура од страна на ЈП МРД. Се очекува, вели министерот, подготовката на Студијата да започне во мај годинава а да заврши до крајот на годината.

– За потребите на подготовката на Студијата, во март 2023 година од страна на АЕК започнато е повторно  мапирање/ажурирање на белите, сивите и црните зони во државата. Мапирањето  ќе ја опфати и постојната и планираната покриеност со VHCN (Very high capacity network)  мрежи, што ќе преставува и прв чекор/услов за идниот процес на усогласување на националните бродбенд таргети со бродбенд таргетите во Дигиталниот компас, вели министерот Азири.

Од АЕК потврдуваат дека ажурирањето е во тек. Дописите до сите нотифицирани оператори во земјава беа испратени на 23 март и во нив е наведено нивните планирани инвестиции за изградба на инфраструктура во следните три години да ги внесат во електронскиот систем во рок од 30 дена од приемот на дописот. За очекување е, велат од АЕК за МИА, после 2 мај да се добие увид во состојбата.

Според податоците на АЕК, заклучно со третиот квартал лани, бројот на претплатници на пристап до интернет со широк и тесен опсег преку мобилна мрежа (2G/3G/4G)  во државава изнесува 1 581 835. Пристап до интернет со широк опсег  на крајот на третиот квартал лани имале 506 478 претплатници (без претплатниците преку мобилни уреди) со раст од 0,85  проценти во однос на вториот квартал од 2022 година, а споредено со третиот квартал од 2021 година  од 3,35 проценти. Во оваа бројка се вклучени и  74 382 претплатници на фиксен широкопојасен пристап на интернет преку мобилни мрежи (LTE/UMTS). Податоците на АЕК покажуваат раст на бројот на претплатници со пристап до интернет преку оптичка мрежа и тој во третото тримесечие лани изнесува 128.642. Во однос на вториот квартал лани бележи раст од 3,54 проценти, а од 24,7 проценти споредено со третиот квартал  од 2021 година.