Инвеститорите ја почнаа трката за инвестиции во производство на струја од сонце

Објавен првиот тендер за изградба на фотоволтаични електрани на државно земјиште. Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев, денеска, во Стопанската комора на Македонија, пред потенцијалните инвеститори детално го презентираше јавниот оглас со кој може да се конкурира за 11 парцели  на државно земјиште во Свети Николе и Македонски Брод. Земјиштето може да се користи на 50 години, а отворањето на понудите ќе биде на 21 август годинава

389

Заради големиот интерес на домашни и странски компании  за изградба на фотонапонски електрани објавен е првиот јавен повик за изградба на вакви електрани на државно земјиште во Свети Николе и Македонски Брод, со инсталирана моќност од 35 мегавати. Закупот на земјиштето ќе биде даден на користење до 50 години за  вкупно 11 парцели. Во Свети Николе може да се гради централи до вкупно 25 мегавати, а Македонски Брод до 10 мегавати. За да им олесни на потенцијалните инвеститори  државата веќе ја има обезбедено потребната инфраструктура, а завршени ќе бидат и сите потребни административни постапки додека на компаниите останува да изготват само основен проект и еколошки елаборат.

Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев денеска во Стопанската комора на Македонија пред потенцијалните инвеститори  детално го презентираше јавниот оглас за доделување премии за изградба на фотоволтаични електрани на државно земјиште посочувајќи дека секој инвеститор однапред ќе го знае својот трошок и колку треба да инвестира.

Јавниот оглас ќе трае до 21 август годинава, кога ќе се отворат понудите, а договорите со инвеститорите би требало да бидат потпишани во почетокот на септември, додека првите количини електрична енергија  треба да протечат следната пролет. Компаниите потенцијални инвеститори треба да достават и банкарска гаранција од 20.000 евра за мегават час.

Според вицепремиерот, со ЕВН е постигната добра цена за приклучоците, односно за  централите до еден мегават таа ќе изнесува 22.000 евра, а за оние поголемите над еден мегават приклучокот е  33.700 евра по инсталиран мегават.

Анѓушев појасни дека инвеститорите треба да платат и комуналии кои што не смее да бидат поскапи од 0,5 евра по метар квадратен. По добивање на тендерот инвеститорот треба да потпише банкарска гаранција од 4.650 денари по еден киловат инсталирана моќност, односно околу 75 илјади евра за еден мегават дека ќе ја изгради електраната во предвидениот рок

Вицепремиерот пред бизнис секторот нагласи дека еден од критериумите за избор на инвеститорот ќе зависи од премиумот што го бара компанијата. Постапката ќе биде јавна и максимално транспарентна, преку електронска аукција, со наддавање до постигнување на  намалување на премиум тарифата.

-Во однос на премиумот тарифата таа може да биде максимум до 15 евра по мегават-час произведена струја, но очекувам да биде колку што е можно помала зашто тоа ќе биде во интерес на државата. Она што со сигурност можам да кажам е дека направивме се како држава и Влада да ја намалиме вредноста на инвестицијата за инвеститорот и да му дадеме што  е можно поголема правна и техничка сигурност – објасни Анѓушев во Стопанска комора.

Минималниот што може еден инвеститор да  понуди за тарифа е 0,01 евро. Доколку двајца понудат 0,01 евро ќе има позитивна аукција за еднократен надомест.

Тој дополни дека за купување на  струјата, дополни, ќе биде номиниран и откупувач, зашто не сите компании се дел од трговијата со електрична

 Малите компании  нема да бидат дискриминирани

На локацијата Азимбегово во Свети Николе предвидени се шест парцели од еден мегават, две од две мегавати и по една од пет и десет мегавати, додека локацијата Манастирец во Македонски Брод е предвидена една парцела од десет мегавати. Еден инвеститор може да аплицира максимум за три парцели, додека инвеститорите кои ќе аплицираат за два, пет и десет, нема да може да аплицираат за парцелите по еден мегават инсталирана моќност.

Ова се првите 35 мегавати од вкупно планираните 200 мегавати фотоволтаични центарли со систем на премиуми. Анѓушев најави дека за неколку недели ќе биде објавен и тендерот за приватно земјиште.

– Таму ќе бидат 27 мегавати, што значи дека со постојните 35 имаме вкупно 62 мегавати. Тоа е повеќе од три пати од се што е досега инсталирано во државата, а има инсталирано околу 18 мегавати во сите години досега, истакна Анѓушев.

Во однос на информациите дека малите компании се дискриминирани и не може да учествуваат, Анѓушев појасни дека за да се направи еден мегават е потребна инвестиција од 650 илјади евра.

Доколку сте компанија што знае што прави, банките тоа треба да го препознаат и со некое сопствено учество од 20 до 30 проценти може да започнете инвестиција, а остатокот да го земете како кредит. Значи секој оној што може да издвои 150 илјади евра сопствени средства може да учествува на овој тендер, или со други зборови секој што има два стана може да ги стави под хипотека и да учествува на овој тендер, изјави Анѓушев.

 Ќе има тендер и за фотонапонски електрани на приватно земјиште

Истовремено Анѓушев најави дека за две до три недели ќе биде објавен и повик за тендер за изградба на фотонапонски електрани на приватно земјиште што го одредиле компаниите, а кое е или во нивно сопственост или закупено. Но, во овој случај, за административните постапки инвеститорите  ќе мора да се погрижат сами како што се урбанизација, пренамена на земјиште.

Државата предвидува да определи  четири категории на површини за изградба на фотонапонски електрани со инсталирана снага до 250 кило вати, од 200 до 500 киловати, од 500 до еден мегават и од еден до три мегавати.

 (В.Ма.)