Инвазија на Санторини: Грчкиот остров ја губи битката со масовниот туризам – ако вака продолжи мерките се неизбежни

1464

Туристичкиот сообраќај се зголеми во Европа по пандемијата на коронавирус и ги влоши инфраструктурните проблеми во многу земји, менувајќи го локалниот карактер и влошувајќи ја економската нерамнотежа во популарните дестинации од Венеција до Санторини. Во обид да ја контролираат толпата посетители, локалните власти воведуваат такси, ограничувања, па дури и привремени забрани, но со ограничен успех за време нa летото, за кое се предвидува дека ќе биде рекордно.

Уште една година, пишува Блумберг, белите и сините улици на Санторини ќе бидат преплавени со милиони посетители, феномен кој не му прија секому.

„Туризмот ги уништува лозјата“, вели винарот Матеос Аргирос, кој ја продолжува семејната традиција од 1903 година и предупредува дека цените на земјоделското земјиште пораснале поради инвеститорите кои бараат простор за изградба на дополнително сместување на грчкиот остров.

Производството на грозје е намалено за речиси 50 отсто во изминатите 20 години, според податоците собрани од Здружението на винарите во Санторини, и може целосно да запре до 2041 година доколку не се преземе ништо. Недостигот на вода го отежнува одгледувањето, додека индустријата мака мачи да најде работници, бидејќи тие сега се претежно вработени во туристичката индустрија.

Ќе биде многу лоша година за Санторини, кој очекува 3,4 милиони туристи, и покрај тоа што локалните власти бараат ограничувања од 2012 година, според градоначалникот Никос Зорзос. Островот не може да си дозволи „еден кревет повеќе“, додаде тој, дури и ако инфраструктурата се подобри.

Општината не може да воведе забрана за градежни работи, па се бара од централната власт да направи нешто повеќе.

Премиерот Киријакос Мицотакис призна дека регионот се соочува со проблем со прекумерен туризам и најави планови за ограничување на крстарењата до популарните острови во земјата.

Владата, исто така, сака да воведе ограничувања за краткорочно изнајмување во областите кои страдаат од масовен туризам, и во Егејското и во Јонското море, по изготвувањето на закон кој моментално е во процес на јавна консултација.

Проблемот го препозна и Европската комисија, нагласувајќи во извештајот за 2018 година дека, иако посетителите носат милијарда евра годишно на Санторини, некои од негативните ефекти „имаат трајни последици за животната средина“.

Во летото 2023 година, Грците повторно ги „повратија“ плажите со ограничување на баровите на плажа со лежалки, по протестите на група граѓани наречени Движење пешкири.

Владата донесе построги правила за користење на плажите и се погрижи да врши почести проверки.

Влогот, сепак, е голем за грчката економија. По повеќе од една деценија на штедење по финансиската криза, БДП останува далеку под она што беше во 2008 година. Туризмот беше светла точка, која сочинуваше речиси една петтина од економското производство во 2023 година. Земјата особено привлече 32,7 милиони туристи во 2023 година, 18 отсто повеќе од претходната година, според Банката на Грција.

Во неволја се и европските дестинации
Незадоволство има и кај многу омилени европски дестинации кои се преплавени со туристи.

Венеција воведе влезници оваа година, додека во шпанските дестинации како Мајорка, Канарските Острови и Барселона, локалното население протестира и се обидува да ги обесхрабри посетителите.

Повеќе од 20.000 луѓе се собраа во неделата на првиот голем протест во Палма де Мајорка за да побараат ограничување на масовниот туризам.

Во екот на туристичката сезона, демонстрантите испратија „повик за будење“ до властите и апелираа да се донесат мерки за ограничување на приливот на туристи, проблем што со години ги засега Балеарските острови.

Учесниците на протестот изјавија дека масовниот туризам им го расипува квалитетот на живот, како и дека туристите создаваат гужви, ја загрозуваат животната средина и прават врева.

Жителите на островот се жалат и дека поради масовното пристигнување на туристи изнајмувањето станови станало прескапо за локалното население.

„Проблемот не е ограничен на само неколку острови и секако не е само грчки“, резимира за Блумберг Јоанис Спиланис, доцент на Универзитетот во Егејското Море.

„Проблемот е повеќе од очигледен барем од 2018 година, а потоа дојде пандемијата и ние ја заборавивме и побрзавме да ги вратиме патувањата и туризмот за да ја покриеме штетата“, заклучи тој.