Имотот на Екатерина Захариева под лупа на европратениците

51
Фото: EPA-EFE/JOHN THYS / POOL

Две куќи во сопственост на кандидатката за еврокомесарка за истражување и иновации, Екатерина Захариева, и на нејзиниот сопруг, Ангел Захариев, кои се наоѓаат во Бугарија и во Грција, предизвикаа особен интерес кај европратениците, членови на Комитетот за правни прашања (ЈУРИ) на ЕП, кој во четвртокот почна со разгледување на доставените декларации за имотната состојба на кандидатите за членови на новата Европска комисија. Според „Еурактив Бугарија“, кај европратениците интерес привлекол фактот што нема објаснување за потеклото на средствата за изградба на недвижностите, кои се изградени во периодот кога беше Захариева бугарска министерка за надворешни работи, од 2017 до 2021 година

На одлучувачкиот состанок на Комитетот за правни прашања на Европскиот парламент, неговите пратеници дебатираат дали 26-темина потенцијални комесари се способни да ја вршат својата работа во целосна независност, процес на проверка во кој не е вклучена самата претседателка. Иако ниту еден од нив не одговори на барањето да ја сподели својата декларација, „Политико“ ги набави сите и ги прочешла, барајќи ги најинтересните детали. Меѓу нив особено внимание на европратениците им привлече и декларацијата на номинираната бугарска комесарка, Екатерина Захариева, која, исто така, очигледно воспоставила богатство со недвижен имот.
Како што јави „Еурактив Бугарија“, повикувајќи се на извори во Европскиот парламент, во декларацијата на Захариева, меѓу другиот имот, наведени се и куќа во Софија од 484 квадратни метри, изградена во 2018 година, на парцела од 600 квадратни метри, купена во 2007 година, како и „вила со студија“ од 200 квадратни метри, на грчкиот полуостров Халкидики, изградена во 2019 година, на земјиште стекнато во 2008 година.

Захариева уште изјавува и дека има околу 61.000 евра на тековната сметка, заштеда од 38.000 евра и имот во сопственост на компанијата на нејзиниот сопруг, „Анзак инвест“, вреден  292.777 евра.

Во својата декларација, таа посочува и дека во периодот од 2017 до 2023 година, во пет наврати била ангажирана како проект-менаџер во траење од по два месеца, но не прецизира за какви проекти станува збор.

Според „Еурактив Бугарија“, кај европратениците интерес привлекол фактот што нема објаснување за потеклото на средствата за изградба на недвижностите, кои се изградени во периодот кога беше Захариева бугарска министерка за надворешни работи, од 2017 до 2021 година.

Името на Захариева се поврзуваше со неколку афери, меѓу кои и онаа од 2018 година, за илегално издавање бугарски државјанства за паричен надоместок.

Согласно со процедурата, ЈУРИ има право да им постави на кандидатите за еврокомесари и дополнителни прашања поврзани со наводите во декларациите, пред да донесе конечна одлука дали постои судир на интереси за нивниот избор. Крајниот рок до кој Комитетот за правни прашања на ЕП треба да се изјасни за тоа е 18 октомври.

Но, во декларациите претходно доставени до бугарската антикорупциска комисија, во периодите кога била избирана за државни функции, Захариева дава подетални податоци за имотот што го поседува.

Така, во декларацијата од 2016 година, кога беше избрана за вицепремиерка и министерка за правда, Захариева пријавила три стана во Софија, стекнати во 2005, 2008, 2009 година, од кои два се во заедничка сопственост со нејзиниот сопруг, а третиот е само нејзин.

Станот што е само во нејзина сопственост е купен во 2005 година за 26.000 евра, оној во 2009, од 94 квадратни метри, за 105.000 евра, а станот од 62 квадрати, стекнат во 2008 година, за сума од само 11.500 евра.

Покрај ова, Захариева пријавила и дека поседува половина од продавница во бугарскиот град Пазарџик, купена во 1996 година, за 38.200 евра.

Во оваа декларација за сопругот Ангел Захариев, Захариева пријавила дека поседува банкарски депозити во Бугарија во вредност од 75.000 евра и 15.000 долари.

Во друга декларација до бугарската антикорупциска комисија од 2018 година, кога стана во Бугарија задолжително пријавувањето и на приходите, Захариева пријавила дека има приход од околу 33.000 евра, а нејзиниот сопруг од околу 105.500 евра. Во оваа декларација, Захариева пријавила и дека продале половина од парцелата на Халкидики за речиси 58.700 евра.

Во декларацијата од 2021 година, пак, покрај веќе претходно наведените имоти, Захариева пријавила и дека во периодот од 2019 до 2021 година остварила приходи од 115.000 евра, главно од плати, а нејзиниот сопруг од 272.500 евра. Во оваа декларација, таа наведува и дека нејзиниот сопруг дал три позајмувања на приватни лица во вкупна вредност од 175.000 евра, од кои најголемото изнесувало 134.000 евра. Имињата на овие поединци не се наведени.