„Имаме само неколку недели да го победиме Хамас бидејќи светот се врти против нас“, вели поранешниот израелски премиер

168
EPA-EFE/ABIR SULTAN

Поранешниот израелски премиер Ехуд Барак изјави дека стравува дека на Израел му преостануваат само две до три недели да го елиминира Хамас, бидејќи јавното мислење, што е најважно и во САД, брзо се свртува против израелските напади врз Газа.

Во интервју за Политико, Барак навести дека мултинационалните арапски сили би можеле да ја преземат контролата врз Газа по израелската воена кампања за да помогнат во враќање на Палестинската управа на Махмуд Абас во Појасот Газа.

Барак, меѓутоа, кажа дека враќањето кон дипломатијата што ќе има за цел создавање палестинска држава е „многу далечна перспектива“.

Барак, кој беше премиер на Израел меѓу 1999 и 2001 година, кажа дека реториката на американските официјални лица е сменета во последните денови и дека тие сè повеќе бараат пауза во борбите за доставување хуманитарна помош во Газа и ослободување на заложниците кои ги држел Хамас.

Тој посочи дека Израел не може да ги игнорира позициите на САД, иако Вашингтон не може, како што наведе, да му диктира на Тел Авив што да прави.

Барак рече дека ќе бидат потребни месеци или дури години да се уништи исламистичката милитантна група Хамас, што е главна воена цел поставена од израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, но посочи дека поддршката на Западот за Израел опаѓа поради високиот број цивилни жртви во Газа и стравувањата дека израелската воена кампања може да предизвика поширока војна во регионот.

Американскиот претседател Џо Бајден минатата недела истакна дека е потребна пауза во војната за да се достави хуманитарна помош во Газа и да се ослободат заложниците, додека државниот секретар Ентони Блинкен за време на вчерашната посета на Израел кажа дека во моментов основен приоритет треба да биде заштитата на цивилите во Газа.