Имаме најевтина храна и горива во регионот, тврди Бектеши

Инфлацијата во април се намали на 13 отсто и ако се спореди со октомври 2022 година ќе видиме дека има речиси 7 отсто намалување на инфлацијата. Тоа значи дека мерките на Владата дале сериозен ефект врз ублажување на кризата, смета министерот за економија Крешник Бектеши. Според него треба да бидеме горди на фактот што Македонија е најевтина земја во регионот во делот на прехранбени производи и нафтени деривати

51

Инфлацијата во април се намали на 13 отсто и ако се спореди со октомври 2022 година ќе видиме дека има речиси 7 отсто намалување на инфлацијата. Тоа значи дека мерките на Владата дале сериозен ефект врз ублажување на кризата, смета министерот за економија Крешник Бектеши.

–Разликата во трошоците за живот и цени на мало за храна и безалкохолни пијалоци е падната за 5,2 отсто во периодот од март 2023 до април 2023 за еден месец. Ако во април инфлацијата на храната била 21,7 отсто, сега е 16,5 во април. Тоа значи дека мерките го дадоа својот резултат. Тоа не е само поради делот на замрзнување на цени, туку и во делот на контролирање на ланецот на трговијата, почнувајќи од производителите па до потрошувачот, смета Бектеши.

Министерот порача дека треба да бидеме горди на фактот што Македонија во регионот е најевтина земја во делот на прехранбени производи и нафтени деривати.

-Иако нафтените деривати се берзански производи, секоја Влада има простор процентуално да влијае во утврдување на цените, посебно во делот на фискалните политики каде што влегуваат акцизите, ДДВ-то, па и другите царински давачки. Имаме простор да донесуваме вакви одлуки за да ги амортизираме високите цени, рече Бектеши.

Бектеши е уверен дека трендот на намалување на цените на храната ќе продолжи и понатаму, затоа што се намалени како што рече тој, трошоците на производителите за репроматеријалите, електричната енергија и за гориво.

Само од октомври 2022 до крајот на април годинава имаме намалување на цените на прехранбени производи со 14,7 отсто, што е поголемо намалување од зголемувањето на платите во овој период во нашата држава.