Од Австрија бил вратен 21-годишниот гостиварец Г. М., кој завчера беше уапсен заедно со уште три други лица поради подготвување на терористички акции, бил вратен во Гостивар од Австрија, дознава весникот ВЕЧЕР. Причината, според сознанијата, бил верски екстремизам и радикализам, а по што австриските власти решиле да му го откажат гостопримството во нивната земја. Гостиварци, со кои контактираше ВЕЧЕР, ни рекоа дека приведеното лице престојувало во Австрија на работа.
-Откако се вратил, одвреме-навреме се појавуваше на молитвите по градските џамии. Но, не беше вклучен во работата на џамиите туку доаѓаше како обичен граѓанин. Разбравме само дека е вратен оти се зближил со екстремистички структури, ни рекоа нашите соговорници.
Македонското МВР завчера соопшти дека ова и другите лица се откриени и приведени како резултат на меѓународна соработка.
-Станува збор за терористички организации, четири лица кои се лишени од слобода. Тие, во соработка со лица кои не се на територијата на Македонија, подолг временски период се следат од страна на надлежните безбедносни органи и во соработка со меѓународните пријатели е координирано постапено. Имаме многу докази дека овие лица постапувале во насока да организираат во иднина одредени несакани настани кои би можеле да ја загрозат безбедноста како на Македонија, така и на други држави. Нивната цел била да индоктринираат останати луѓе од Балканот кои би можеле да дејствуваат соодветно во насока на реализација на нивните цели, изјави министерот Панче Тошковски.
Ова е нов пример со кој некое лице од Македонија се поврзува со подготвување на терористички напад и верски екстремизам, имало или има престој во Австрија. Во август годинава, познато е, австриската полиција го уапси 19-годишниот Беран Алији, кој живее во градот Терниц, а чие семејство, исто така, потекнува од Гостивар. Беран беше приведен заради основани сомневања дека подготвувал терористички напад за време на концертите на музичката ѕвезда Тејлор Свифт во австриската престолнина. Освен него, уапсен е уште еден австриски државјанин. При претресот во неговиот дом биле пронајдени хемиски супстанции и технички уреди. Неговото апсење потсети на терористичкиот напад од ноември 2020 година, исто така, во Виена, кога 20-годишниот Кујтим Фејзулаи, по потекло од Македонија, уби четворица и повреди уште 23 лица.
Сето ова го отвора прашањето за врбувањето на младите лица од Македонија од страна на структурите на терористичката Исламска држава, со цел да вршат тероризам во регионот. Фактот со кој се работи за лицата на возраст од околу дваесетина години укажува и на одредена стратегија на ИСИС.
-Очигледна е стратегија со која се врбуваат и заведуваат младите лица. Ова е, практично, нова генерација на приврзаници на Исламска држава, по нејзиното најактивно дејствување во периодот 2012 – 2014 година. Овие млади тогаш имале само околу десетина години. Младите се честа цел на сите терористички организации бидејќи кај нив наоѓаат погодна почна за ширење на своја идеологија, тие лесно примаат и извршуваат наредби, а сè уште не ѝ се познати на полицијата. Преку нив, полесно и се шири мрежата во одредени региони и се воспоставуваат ќелиите кои имаат од 3 до 5 лица, вели за весникот ВЕЧЕР, Злате Димовски, професор на Факултетот за безбедност.
Тој додава дека 21-годишниот гостиварец, извесно, имал клучна улога во ќелијата и се наметнал како личност која имала конекции со структури од другите земји и ги пренесувал насоките. Фактот дека полицијата дејствувала сега укажува на тоа дека групата веќе била подготвена да стори некаков тероризам. Во спротивно, полицијата би оставила да ја следи и натаму со цел да добие повеќе сознанија.
Ова не е првпат во Македонија да се откриваат ќелиите на радикални структури на ИСИС кои планирале терористички напади. Познато е, во редовите на Исламската држава, во екот на нејзината моќ пред десетина години, пристапиле околу 150 лица од Македонија. Се проценува дека од нив загинале триесетина лица, најмногу од скопската општина Чаир. Подоцна, по поразот на ИСИС во нашата земја се вратиле околу осумдесетина лица од кои дел отслужувале и затворски казни заради учество во странски паравоени формации. Изминативе години македонска полиција откри неколку терористички групи кои подготвувале терористички акции и врбувале нови борци за ИСИЛ. Во ноември 2016 година беа приведени беа две лица кои планирале терористички напади, но ниту тогаш полицијата не ја откри нивната цел. Истата година, во судскиот процес „Ќелија“ 11 лица, обвинети дека учествувале на воените боишта во Сирија, признаа вина и добија затворски казни од 2 до 7 години, меѓу нив највисока казна доби првообвинетиот, оџата Реџеп Мемиши од Чаир.
Во 2020 година МВР приведе тричлена терористичка група од Кумановско која имала намера да реализира терористички акции во земјава. Безбедносните експерти укажуваат дека и натаму постојат закани од лицата кои се повратници од редовите на ИСИС.
-Тие лице се добро подготвени и воено обучени. Кога се вратија добија помали казни оти се веруваше дека ќе се дерадикализираат. Но, искуството покажува дека еднаш радикализиран тешко дека ќе се дерадикализира. Тие сега извесно, продолжуваат со улогата на мирни граѓани не сакајќи да ги загубат бенефициите кои ги добиле со општествени програми. А во реалноста ги пренесуваат своите конекции на помладите лица, објаснува експертот Димовски.
Нападите планирани да се случат за време на новогодишните и божиќните празници
МВР вчера соопшти дека осомничениот Г.М. набавил повеќе фотографии со кои што се поттикнува извршување на терористички акти за време на новогодишните и божиќните празници со намера да ги сподели во телеграм групите кои ги формирал за да поттикне извршување на терористички напади.
-По извршената анализа на обезбедените електронски докази содржани во телефонот на Г.М., утврдено е дека тој формира и координира активности во својство како „војник на ИСИС т.н. Исламска држава“ за медиумска промоција и заштита на терористичката организација, со намена за албанско говорно подрачје. Тој се обидел да набави огнено оружје, а набавил и упатства за изработка на импровизирани експлозивни направи кои што потоа требало да ги искористат за извршување на терористички напади, соопшти МВР. (Б.Ѓ.)