Помина многу години заедно со групата, легендарната „Парни ваљак“, како и со својот пријател, не само колега, сега веќе, за жал, прерано починатиот Аки Рахимовски. А и многу драги спомени останаа зад него. Деновиве, токму Паоло Сфеци емотивно се присети на еден интересен концерт со групата и со Аки. А, вината ја виде во тоа што сите не можелe да ѝ останат рамнодушни на вкусната македонска храна, во еден ресторан во Куманово, па од прејадување, концертот им пропаднал.
– Во тие речиси десет години, колку што поминав со Аки и со „Ваљак“, ниту еден концерт не беше откажан. Секогаш кога доаѓаше, Аки брзаше на сцената и професионално ја одработуваше свирката од почеток до крај. За сите тие речиси 10 години, паметам само еден лош настап, и тоа во македонскиот град Куманово. Имавме закажано дневен концерт, мислам во 18 часот, во преполна киносала. На патот од Загреб за Скопје видов некој сообраќаен знак на кој пишуваше дека Загреб е на 1.000 км оддалеченост од македонската метропола.
Но, ние дојдовме на кумановскиот концерт не од Загреб, туку директно од еден обилен, карактеристичен македонски ручек, секако, во организација на Аки. По ручекот, сите во бендот бевме прејадени, расположени само за спиење, а, секако, така неодморени, бевме и нерасположени. Аки се обиде да нè врати во форма, но не му беше денот. Не успеа во тоа. Тотално утнавме, бевме надвор од нашиот (деноноќен) тајминг. И ни се случи вистински пех! За прв и за последен пат. Кога ја завршивме свирката, сите од публиката останаа седнати на своите столчиња. Земјо, отвори се!
–
Свирев илјада концерти со „Парни ваљак“, а еве сега, по скоро 40 години, се сетив само на тој, како целосно промашување. И сè уште ми е малку непријатно што тогаш на тие луѓе им наплативме билети. Но добро, имаше такви некои малечки епизоди кога, на пример, Аки ќе останеше без глас. Тој знаеше да ги крене луѓето на нозе, а тие, наместо него, да пеат на концертот. Во него постоеше неопислива енергија, бидејќи емитуваше музика и емоции. Од првиот до последниот ден.
Еве, неодамна Хус ми кажа за тоа кога требаше да откаже „Ваљак“ три концерти, бидејќи Аки имаше страшни болки во грбот, не можеше да стои на нозе, беше вкочанет, дисковите му беа поместени, требаше да оди на операција на ‘рбетот, но не дозволи концертите да се откажат „од здравствени причини“.
Иако болен и неподвижен, концертите мораа да се одржат. Аки ја прими инјекцијата, а двајца техничари на „Ваљак“ буквално го изнесоа на сцена и го седнаа на бар-столчето. Концертите феноменално поминаа. А, колку потоа се одрази тоа на неговото здравје, тоа само тој го знаеше. Не сум сигурен, но, можеби, тоа беа и последните свирки на Аки – ни раскажа поранешниот тапанар на „Парни ваљак“, групата која сега, без Аки, без нашиот скопјанец, да не се лажеме, не е веќе тоа што си беше. (Љ. Алексовски)