Поранешниот американски тенисер Енди Родик проговори на поинаква тема за светскиот тениски рекет број еден, Србинот Новак Ѓоковиќ. Во петтата епизода од поткастот „Serve with Roddick“, Енди како гостин го имаше Макс Ајзенбад, успешен тениски менаџер.

Меѓу другите теми, се зборуваше и за најдобриот тенисер на сите времиња, а Родик, кој во девет дуели го победи Ѓоковиќ петпати, сподели интересен став за српскиот тенисер. Американецот во текот на кариерата имаше несогласувања со Новак, но знаеше и да го пофали и да ги прослави неговите неверојатни резултати во минатото.

Овој пат тој објасни дека на многу љубители на тенисот не им се допаѓа тоа што Србинот се вклучил во ривалството меѓу Роже Федерер и Рафаел Надал.

– Тоа е чудно. Секогаш велам дека се чувствувам како тој да е ликот што ги растури „Битлси“. Како да е Јоко Оно во тенисот. Тој е оној што не го сакавме, тој што не ни требаше. Веќе имавме ривалство, левучар наспроти деснак, контраст на стилови – рече Родик и додаде:

– Тогаш наеднаш се појавува киборг, робот, но и некој кој си игра со многу емоции и вели: „Не ми е гајле за таа возбуда, јас сум комплетен играч, не можете ниту да поминете околу мене. Беше чудно, мислам дека просечниот уличен навивач кој баш и не се занимава со тенисот беше лут на него поради тоа – изјави прославениот Американец.

Енди Родик за време на својата долга кариера стигна до првото место во ноември 2003 година. Тој освои 32 титули, вклучувајќи го и САД Опен и заработи над 20 милиони долари само од наградни фондови.