Имавме понуда што би не штитела од потреси на пазарот на енергенси, а сега трошиме милион евра неделно

86

СДСМ одбила помош од ВМРО-ДПМНЕ за набавка на гас по цена од 850 евра, па затоа од почетокот на грејната сезона, Владата купува гас по цена од 1.560 евра. Потпретседателката на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Димитриеска Кочоска објави документ од кој се гледа дека ВМРО-ДПМНЕ понудиле позиции и контакти кои се во можност да обезбедат гас за Македонија по поволни услови за државата.

– Цената понудена од контактот даден од ВМРО-ДПМНЕ е за неколку стотина евра пониска од берзанската. Истата овозможува сигурност и предвидливост и за државата и за економијата и би не штитела од евентуални потреси на пазарот на енергенси во зимскиот период кога цените поучени од минатата година може да одат и над 3.000 евра за 1000 нормални метри кубни гас – вели Димитриеска Кочоска.

– Ова е документ од компанијата трговец со енергенси, регистрирана во Швајцарија даден до ЕСМ продажба, од кој се гледа цената на и количината која била понудена. Цената за 1000 нормални метри кубни гас која е понудена до ЕСМ е 850 евра. Оваа цена е фиксна и важела за период од ноември до крајот на април, за испорака на над 200 милиони кубни метри гас – вели Димитриеска-Кочоска.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат очигледно е дека СДСМ заради инает и политичка незрелост, не ја прифатиле помошта од ВМРО-ДПМНЕ, плашејќи се дека целосно ќе излезе на површина нивната неспособност.

– Нема оправдување за Владата кои што свесно ја донесоа Македонија во положба да губи милиони евра неделно, само заради нечија суета и инает. Договорот кој е понуден од фирмата трговец со енергенси е класичен ЕФЕТ договор, договор кој го користат сите фирми кои тргуваат со енергенси во ЕУ, и истиот е заштита и за државата бидејќи претставува европска пракса – потенцираат до ВМРО-ДПМНЕ.

ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека Владата ја носи Македонија во енергетска неизвесност. Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски во телевизиско интервју изрази сомнеж дека од први јануари граѓаните на Скопје ќе имаат гас за греење.

– Просечна цена по која што е набавувано гас е 1.569 евра за 1.000 кубни метри, а владата набавуваше и по 1.950 евра. Понуда што ја дадовме не е прифатена од владата, ги играа луѓето, дојдете вторник, четврток дадете ваква понуда, дајте онаква понуда за да можат да си ги тераат личните бизниси. И еве сега слушаме шпекулации во јавноста дека има две бугарски, а една турска фирма кои што ќе се ангажираат за набавка на гас – рече Николоски.

Од ЕСМ денеска контра ВМРО-ДПМНЕ. Оттаму велат дека фирмата за набавка на природен гас што ја предложил лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, никогаш не доставила комплетна документација и не ги приложила потребните референци задолжителни за сите понудувачи.

– Наведената фирма беше директно контактирана од одговорни лица од АД ЕСМ, беше повикувана на неколку огласи за набавка на природен гас и од наша страна се правеа обиди да се дојде до комплетна понуда која може да се разгледа согласно објавата за набавка – се наведува во соопштението на ЕСМ.

Од ЕСМ дополнуваат дека до поднесување на комплетна понуда не дошло, а дополнително биле известени и дека за еден одреден период фирмата воопшто не е во можност да испорача гас.

– Од погоре наведените причини, сметаме дека е недозволиво висок партиски функционер од опозицијата да изнесува неиздржани наводи, особено во ситуација кога АД ЕСМ, соочена со менаџирање на енергетската криза со електрична и топлинска енергија, одвои време и ресурси за сериозно да и пристапи на наведената фирма, која како што покажа времето, не била сериозен предлог од страна на опозицискиот лидер – велат од ЕСМ.

Од АД ЕСМ велат дека сериозно забележуваат на обидите да се изнесуваат, како што велат, „извртени информации кои не ги прикажуваат точно настаните што се случиле“ и апелираат до претставниците на политичките партии да не го вовлекуваат АД ЕСМ во „невистинити искази“.

Претседателот на Регулаторна комисија за енергетика, Марко Бислимоски истакна дека е надминат проблемот со Макпетролод и најави дека по 1 јануари нема да доставуваат гас за топланите и за компаниите.

Според него, гас ќе има, а конкурентоста ќе биде обезбедена од 1 јануари идната година од кога ќе важат новите правила на пазарот.

– Потрошувачите треба да знат дека Макпетрол ќе им доставува номинации и доколку потрошувачите отстапуваат, земат повеќе, за тоа ќе си платат дополнително, но не на Макпетрол, туку на преносниот систем оператор ГА-МА. Макпетрол се согласи со овој пристап бидејќи на некој начин одредени ризици што беа кај снабдувачите се тргнати со вклучувањето на ГА-МА. Значи, ризиците кои што беа на снабдувачите, да не се соочат со проблеми со ликвидност доколку не плаќаат одредени потрошувачи ќе го преземе државата преку ГА-МА, но верувам дека тоа ќе бидат мали отстапувања и оти на тој начин ќе го решиме проблемот – вели Бислимоски.

ЕСМ продажбаво петокот објави нов повик за прибирање понуди од домашни и странски компании кои можат да обезбедат и испорачаат потребни количества на гас за производство на топлинска енергија за топланите, како и за преостанатите потрошувачи на природен гас во државата.

(С.Бл.)