Илјадници тони смет собрани и оставени на земја

23

Претоварната станица на тетовско комуналното претпријатие која од август 2019 е во близина на Фалише сè уште работи без системот за компресија, па илјадници тони смет веќе се собрани и оставени на земја.

Претходно, станицата која беше на патот накај Требош за да не се остава смет на земја се користеше систем за компресија, воедно и со цел поголема количина смет да биде однесена во депонијата „Дрисла“.

На новинарските прашања зошто не се поставува системот за компресија, тетовската градоначалничка Теута Арифи не даде одговор и најави како тоа во иднина би се правело во рамки на заедничкото управување на полошките општини со депонијата Русино. Предвидени се нови места за трансфер на сметот.

-Ние во рамки на швајцарскиот проект за депонијата Русино и студијата предвидува уште две трансфер станици. Една ќе биде во Тетово а другата во некоја друга општина која ќе се одлучи. Се чекаат на уште некои работи во однос на финансирањето, зошто сметаме дека имаме уште еден друг извор на финансирање – изјави Арифи.

Складирањето на сметот на претоварна станица додека не биде однесен на депонија е редовна практика на комуналното претпријатие. До 2010 година тоа се правеше кај железничката станица, а потоа и на самиот влез на градот каде се создаваа депонии со илјадници тони смет. Таму беше до 2017, а две години на патот кон селото Требош, долж автопатот Тетово-Скопје. Локацијата кај Фалише е околу 3.000 квадратни метри, а се наоѓа среде обработливи земјоделски површини.

Според досегашните сознанија на ЈКП „Тетово“, во зимските месеци дневно се собира од 150 до 170 тони смет на ден.