Специјалистот во одбрана се очекува наскоро да стане нов член на македонскиот ракометен шампион Еурофарм Пелистер, а станува збор за добро познато име – српскиот интернационалец Илија Абутовиќ.

Тој по две сезони во редовите на француски Шартр би требало да направи кам-бек во македонскиот ракомет. Абутовиќ во минатото седум сезони беше дел од Вардар, со кој стана и европски шампион освојувајќи ја титулата во Лигата на шампионите во 2017 година. Сега Србинот пак ќе заигра во Суперлигата, но и елитното европско натпреварување со Еурофарм Пелистер.

Абуровиќ (35) годишникот е специјалист за одбрана, а неговата кариера тргна преку локалните Црвенка и Спартак Суботица. Потоа преку Партизан и Слован, во 2011 година пристигна во Вардар уште пред ерата на Сергеј Самсоненко. Во Скопје се задржа седум сезони, стекнувајќи статус на клупска легенда и потоа следеше трансфер во Рајн Некар Левен.

Абутовиќ од 2022 година ги бранеше боите на Шартр, а сега се очекува да стави потпис на договор со македонскиот првак Еурофарм Пелистер.