Израел ќе и продаде противракетен систем на Финска

60

Министерството за одбрана на Израел соопшти дека е потпишан договор со Финска, најновата членка на НАТО, за продажба на противвоздушниот одбранбен систем „Давидова прачка“.

Во соопштението на Министерството се вели дека „потпишан е договор за продажба на системот на Финска“, нарекувајќи го „историски“.

Вредноста на договорот е 317 милиони евра.

„Давидова прачка“ е систем за противвоздушна одбрана заеднички развиен од Израел и САД. Може да пресретне балистички ракети, крстосувачки ракети, авиони и беспилотни летала.

Финска го зголеми буџетот за одбрана откако на 4 април оваа година беше примена во НАТО како 31-ва членка на алијансата.

Земјата поднесе кандидатура за приклучување по долг период на воена неутралност, како одговор на руската инвазија на Украина во февруари 2022 година.