Израел ги повика луѓето да го напуштат Рафах, не се откажува од нови напади

    40

    Израел денеска ги повика Палестинците во неколку области на градот Рафах во јужниот дел на Појасот Газа да се евакуираат и да се упатат кон, како што ја нарече, проширена хуманитарна област во Ал-Маваси, што е дополнителен показател дека израелската војска продолжува со своите планови за копнен напад врз Рафах.

    Во објава на социјалната мрежа Х, воениот портпарол исто така ги повика жителите и раселените лица во областа Џабалија во северна Газа и 11 други населби во енклавата веднаш да одат во засолништата западно од градот Газа.

    Израел не се откажува од инвазијата на Рафа, САД се загрижени
    Според палестинската новинска агенција ВАФА, 24 Палестинци биле убиени во текот на ноќта откако израелски авиони нападнале неколку области во центарот на Газа.

    И покрај големиот притисок од САД и загриженоста изразена од жителите и хуманитарните групи, Израел рече дека ќе продолжи со упадот во Рафах, каде што повеќе од милион раселени луѓе побараа засолниште за време на седуммесечната војна.

    Израелската војска соопшти дека досега околу 300.000 жители на Газа се преселиле кон Ал-Маваси.

    Израел вели дека не може да победи во војната без да ги искорени илјадниците борци од исламистичкото движење Хамас за кои верува дека се распоредени во Рафах.

    Тенковите го окупираа главниот пат што го дели Рафа на два дела
    Израелските тенкови го зазедоа главниот пат што ги дели источните и западните делови на Рафах во петокот, практично опкружувајќи ја источната страна во нападот поради кој Вашингтон прекина дел од воената помош за својот сојузник. Белата куќа во петокот соопшти дека „со загриженост“ ги следи израелските операции.

    Војната беше предизвикана од нападот на Хамас врз јужен Израел во кој според израелските податоци загинаа околу 1.200 луѓе, а повеќе од 250 луѓе беа земени како заложници.

    Во израелската воена операција во Газа, за која Израел вели дека има за цел да го елиминира Хамас, загинаа близу 35.000 Палестинци, според Министерството за здравство на Газа. Бомбардирањето ја опустоши крајбрежната енклава и предизвика длабока хуманитарна криза.

    Американци: Израел можеби го прекршил меѓународното право со напад со нашето оружје
    Администрацијата на САД во петокот рече дека употребата на оружје од страна на Израел може да го прекрши меѓународното хуманитарно право за време на операцијата во Газа, што е најголемата критика на Израел досега.

    Но, администрацијата не даде конечна оценка, велејќи дека поради хаосот на војната, не може да провери конкретни случаи во кои употребата на ова оружје можеби била вклучена во наводните прекршувања.