Во рамки на проектот „Дигитализација и промоција на културното наследство во Охрид“, Здружението за заштита и одржлив развој на животната средина „Регионален зелен центар“ Охрид, изработи шест промотивно-едукативни видеа.
Во секое видео е претставено културно наследство од соодветен период, почнувајќи од праисторија, антика, ран среден век, византиски период, отомански период и нов век.
– Оваа активност имаше за цел запознавање на јавноста за значењето на културното наследство во Охридскиот регион и зголемување на степенот на промоција на истото – велат од Општина Охрид.
По завршување на проектот, видеата е предвидено да се користат за презентација во сите основни училишта во Општина Охрид според договорена агенда, со што за основите, значењето и потребата од заштита на културното наследство од Охридскиот регион би биле запознаени околу 4.500 ученици од општинските основни училишта.
Во текот на следните месеци, предвидено е одржување на изложба, изработка на дигитална брошура за локалитетот Самоилова тврдина и изработка на QR кој ќе се постави на информативната табла пред самиот локалитет.