Изолиран чин или смислено сценарио за дестабилизација на земјата?

ГАЗЕЊЕТО НА ДРЖАВНОТО ЗНАМЕ ПРЕДИЗВИКА СИЛНИ ОСУДИ

107

Остри осуди, барања за казнување на сторителите, укажувања дека на дело се случуваат заговори за дестабилизација на државата, само се дел од реакциите во јавноста по прексиноќешното брутално сквернавење и палење на македонското државно знаме при прославата на Денот на албанското знаме. Политичките партии укажуваат дека е потребно да се сочува мирот и безбедноста и спречат сценаријата за дестабилизација. Но, во реакциите на албанската опозиција се забележуваат и обидите причините за вандалскиот чин да се релативизираат со наводите дека сквернавењето претходно било испровоцирано. Политичките аналитичари, пак, укажуваат на смислени сценарија кои имаат за цел да се создаде нетрпеливост и омраза меѓу граѓаните од македонска и албанска етничка заедница.

На инцидентот, во кој група граѓани го кине и го пали македонското државно знаме на скопски Бит Пазар, му претходеше масовно славење на празникот на припадниците на албанската етничка заедница, колони возила, бројни граѓани, сообраќаен метеж во повеќе делови од градот…

Остри осуди и обвинувања за сценарија за дестабилизација

Владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ остро реагира, го осуди инцидентот и повика на санкционирање на сторителите. Но, се укажува дека инцидентот има и политичка заднина при што прстот се насочува кон ДУИ и СДСМ.

-ДУИ се лицемери, од една страна организираат со СДС црни сценарија за етнички конфликти од друга глумат загрижени и подбуцнуваат групи да дивеат и да внесуваат раздор. Така владееја над 20 години. ДУИ треба да знае дека СДС не е на власт, а ДУИ е опозиција. Преку етнички теми и поделби сакаат да се наметнат во јавниот дискурс во отсуство на реална политичка понуда. Законот мора да се почитува од сите подеднакво и очекуваме надлежните институции да ги санкционираат оние кои го кршат законот. Сите нивни инструменти и потрчковци кои ќе посегнат по рушење на редот и поредокот ќе одговараат. Ниту ДУИ ниту Ахмети не се над законот, соопштија од ВМРО-ДПМНЕ, додавајќи дека е добиено „кукавичко сценарио за етнички поделби и конфликти од страна на ДУИ“.

И опозицискиот СДСМ најостро ги осуди инцидентите и сквернавењето на македонското знаме.

-Инцидентите во Скопје и други градови низ државата се апсолутно неприфатливи, претставуваат директно загрозување на меѓуетничките односи, јавната безбедност и достоинството на Македонците. Почитувањето на симболите и идентитетот на секоја заедница е темел на нашето заедничко општество, и секое однесување кое има за цел да предизвика поделби или тензии е спротивно на овие вредности, потенцираа од партијата со повикот да се откријат сторителите.

Мартин Костовски, партиски организационен секретар, пак, соопшти дека безбедносниот систем потфрлил и дека министерот Панче Тошковски и директорот на БЈБ, Александар Јанев, треба да поднесат оставки.

Лидерот на ЗНАМ,, Максим Димитриевски, побара институциите да ги санкционираат сторителите.

– Да газиш и кинеш, да уништуваш знаме на држава која те израснала, образовала, платила и плаќа, вложува во тебе, е злосторство против истата и треба да одговараш. На тест е нашиот мултиетнички капацитет, дали е тоа искрена желба или пак само фарса?, праша синоќа Димитриевски.

Опозициската „Левица“ смета дека е вознемирувачки и тоа што се пееја песни со содржина дека Скопје е албански град, што претставува директна провокација и навреда за Македонците.

-Со молчење кон понижувањата не се гради соживот, туку само се потпомага во остварување на крајната цел на иредентизмот на ДУИ и Вреди, а тоа е федерализација и распарчување на Македонија, предупредуваат од оваа партија.

Остри осуди дојдоа од ЛДП која смета дека „ова е напад на соживот“, а од Социјалистичка партија која рече дека „ваквото непочитување на македонската држава и газење врз достоинството на македонскиот народ не се простува“. Македонски концепт побара силна реакција на државата „и за тие кои палеа и газеа знаме, и за тие што стојат во заднината“. Демократски сојуз, пак, смета дека се работи за етнонационализам поттикант од опозициската ДУИ, која преку дезинформациите работи на дестабилизацијата на земјата.

За ДУИ, инцидентот го предизвикала полицијата

Наспроти ова, од ДУИ, со осуда на настанот дојде и тврдењето дека полицијата е виновна за инцидентот.

-ДУИ остро ја осудува полициската интервенција без преседан за време на прославата на Денот на албанското знаме, ден кој има исклучително значење за Албанците во Република Северна Македонија и низ светот. Оваа интервенција, наместо да го зачува јавниот ред, предизвика непотребни тензии и создаде клима на конфронтација, нарушувајќи го правото на граѓаните слободно да ја одбележат оваа значајна празнична традиција. Го осудуваме индивидуалниот чин на палење на државното знаме како реакција на несоодветната интервенција на полицијата, соопштија од ДУИ.

Нејзин коалициски партнер Алијанса за Албанците на Зијадин Села, пак, соопштува дека имало палење на албанско знаме.

-Сите знамиња на народите во светот заслужуваат почит. Остро го осудуваме сквернавењето на државното знаме и палењето на албанското знаме, бидејќи таквите постапки се неприфатливи и не се во согласност со граѓанските вредности, велат во соопштение од Алијанса за Албанците.

Од коалицијата Вреди, која е дел од владиното мнозинство, пак, насочуваат кон кругови кои сакаат дестабилизација на земјата.

-Очигледно оваа празнична атмосфера не им одговараше на оние на кои им се наруши комфорот на фотелјите на власта. На крајот на денот се појавија овие кругови кои сакаат да ја дестабилизираат државата. Не затоа што ја сакаат државата, туку затоа што им недостига власта. Палењето знаме е подгревање на меѓуетничките односи во оваа земја. Чувствуваме одговорност и апелираме до сите граѓани да покажат разумност и решителност да не станат плен на злонамерни провокации, укажаа од Вреди.

И кај политичките аналитичари нема дилеми дека се работи за обид за дестабилизација на земјата.

– Евидентно е дека она што се случи беше своевиден нечиј изговор за да се направи своевидна форма за некаква дестабилизација или изговор за конфликт. Полицијата реагираше умно што остави да се излеат сите, условно речено, емоции и провокации и не подлегна на повеќе од очигледно сценарио. Јас не верувам во случајности, знам како функционираат работите во чаирскиот дел од градот оти потекнувам оттаму. И досега имало прослави на Денот на албанското знаме, но никогаш вака не се случувало. Ова е обид за нарушување на нашето кревко општество поради тесни партиски и политички интереси, наведува аналитичарот Александар Ристевски за весникот ВЕЧЕР.

Според политикологот Џенур Исени, обидите за дестабилизација на земјата изгледаат вака, затоа сите политички чинители треба да го осудат.

-Албанците непречено од никого славеа на најдобар можен начин. Но, по сè изгледа на некој тоа му пречеше и имаше такви ниски сценарија како што беше палењето на државното знаме. Но тоа што најмногу ме иритира што денеска се појавија и „чуварите“ на Албанците и Македонците, што уште повеќе ја поткренува оваа ситуација. Јас верувам дека граѓаните се доволно свесни да ги препознаваат намерите на овие луѓе и да се уверуваат дека мултиетничкиот карактер на нашата земја е нешто свето, но и богатство. Но секој треба да има предвид дека не можете да ја сакате својата нација додека мразите друга. Овие настани, за жал, покажуваат дека културата не е на тоа ниво како што сакаме, но секогаш да се надеваме дека ќе има сè помалку вакви настани, изјави Исени за весникот ВЕЧЕР. (Б.Ѓ.)

 

ИЗДВОЕНИ