Измените на законот за локална самоуправа во собраниска процедура

41

Вчера попладнето во Собранието е доставен предлогот за измени на Законот за локална самоуправа со што треба да се овозможи назначување градоначалници во случај кога некој ќе биде именуван на друга функција и со тоа да се избегне одржување предвремени избори во општините кои останале без градоначалници. На предлогот се потпишани координаторите од мнозинството, Никола Мицевски на ВМРО-ДПМНЕ, Халил Снопче на коалицијата ВРЕДИ и Бобан Карапејовски од ЗНАМ. Предлогот на законот е предвидено да оди по скратена постапка а во образложението се наведува.

„Членот 4 уредува преодно решение за постапка за распишување нови избори за градоначалник по сила на закон до одржување на првите редовни избори за членовите на советите на општините и Советот на Градот Скопје, за избор на градоначалник на општина и градоначалник на Градот Скопје по влегувањето во сила на овој закон. Имајќи во предвид дека до распишувањето на нови редовни локални избори има помалку од 12 месеци и тргнувајќи од најдобриот интерес на граѓанинот, начелото на економичност и економска состојба во државата, со предложените законски решенија ќе се постигне целта заради која е предложен овој предлог закон“.

По парламентарните избори дел од општините останаа без градоначалници бидејќи некои станаа пратеници, а некои министри. Така градоначалникот на Аеродром Тимчо Муцунски сега е веќе министер за надворешни работи, на Гостивар Арбен Таравари министер за здравство, а градоначалникот на Сарај Блерим Беџети седна на пратеничкото столче.

На нивните места се поставени вд градоначалници. Министерот за локална самоуправа Златко Перински деновиве изјави дека законот треба да претрпи промени.

„Битно е да се спомене дека се работи за системски закон за кој што е неопходно обезбедување на двотретинско мнозинство, закон кој што е стар повеќе од две децении и реално закон кој што е зрел за целосна промена и адаптација согласно условите во кои што денес функционираат општините. Се надевам дека следната година низ една широка дебата во која што ќе бидат вклучени и единиците на локалната самоуправа и сите експерти кои што се запознаени со материјата локална самоуправа ќе влеземе во постапка на правење на еден нов модерен закон за локална самоуправа“, вели Златко Перински.

Како што рече и самиот министер Перински за изгласување на овој закон потребно е двотретинско мнозинство, но исто така и Бадентерово мнозинство, за што гласови ќе бидат потребни и од опозицијата.