Изложба на слики од Билјана Билбилоска  „Простор и тишина“ ќе биде отворена денес (2 јули) од 20 часот во Домот на култура „Кочо Рацин“ во Скопје. Уметницата ќе се претстави со дела изработени во комбинирана техника.

„Нејзиниот творечки калеидоскоп варира и се премрежува низ различните секојдневија кои ги живее преку разнообразните уметнички пракси. Сака да експериментира зад појавното, зад тривијалното, низ познати и непознати уметнички перспективи, во услови на неприкосновена слобода“, се вели во најавата на изложбата.

Билнилоска активно се занимава и со графички дизајн и илустрација, ги истражува хроматските аспекти на визуелната практика, нивната физика на дејствување, нивната интеракција, како и врската помеѓу музиката и боите, на синестетички начин.

Ова е единаесетата самостојна изложба на уметницата, а досега изложувала во Париз, Сплит, Белград, Скопје, Тетови и Охрид. Таа има остварено и над 50 групни изложби, во Македонија, Србија, Турција, Романија, Австрија, Португалија, Франција и САД, како и неколку меѓународни ликовни колонии.