Во „Мала станица“, вечерва (17 јуни), со почеток од 20 часот, ќе се отвори изложбата „Aeterna Nova“ која е во организација на Здружението за истражување, заштита и промоција на културното наследство Вулгус“ од Скопје.

„AeternaNova“ (кованица од латинските термини “вечна” и “нова”) е мултимедијална изложба посветена на облековната култура на сите етнички заедници кои живеат во Македонија. Оваа изложба презентира нов начин на промовирање и претставување на облековната култура од крајот на 19от и почетокот на 20от век, конципирајќи ја како мода, наместо како традиција.

-Потенцирајќи ја сложената изработка на самоуките креатори на овие костими, изложбата им оддава почит и сугерира дека овие традиционални вештини треба да се ценат не само поради нивната историска вредност, туку како трајни изрази на културниот идентитет и креативноста на луѓето од едно минато време. Оваа способност на фотографијата да ја долови и реконтекстуализира историјата е особено релевантна бидејќи ваквата реконтекстуализација ја предизвикува перцепцијата за овие облеки како застарени и ирелевантни. Наместо тоа, Aeterna Nova ги позиционира како динамични елементи на современото културно изразување, истакнувајќи ја нивната естетска вредност и вештината вклучена во нивното создавање, се вели во образложението кон изложбата за која се користени народни носии од колекциите на Костадин Балкански, Дамјан Ристовски, Ансамбл „Студио Фолклор” и Фолклорно студио „Етнос”.

Модели на фотографиите се Еџе Али, фотографка; Билјана Балканска, танчерка; Дина Дума, филмска режисерка; Лука Ѓоргиевски (Фанк Шуи), музичар; Катарина Ивановска, модел; Дина Јашари, музичарка; Венера Крлиу, професор; Емра Куртишова, актерка; Марко Марјановиќ, фотограф; Мими Поп Алексова, прима балерина; Зарина Првасевда, музичарка; Симона Спировска, актерка; Наталија Теодосиева, актерка; Мартин Томовски, ракометар и Камка Тоциновски, актерка.

Проектниот тим на изложбата, пак, го сочинуваат Филип Петковски, куратор и режисер; Марко Марјановиќ и Жарко Чулиќ, фотографи и Ивана Мојсовска Головска, постпродукција на фотографија.