Изложбата на цртежи на уметникот Страхил Петровски, насловена „Реминисценции“ в сабота, 27 јануари, ќе биде претставена пред струмичани. Изложбата во 21 часот ќе ја отвори Здружението за развој на културата и заштита на културното наследство „Контекст-Струмица“ во соработка со кафе бар „Нагоре“, како дел од неформалниот тековен концепт-проект #ЅидНаУметноста.

„’Реминисценции’ содржи 12 дела кои меѓусебно се надополнуваат, дејствуваат и го окупираат просторот со експресија која е препознатлива во неговиот визуелен израз. Мрачни предели, брзи, храбри движења, перфекционистички минимализам, независно преку кои димензии и формат се изразува, спектаторот не останува рамнодушен. Страхил Петровски комуницира интуитивно, жестоко, дури и сурово, структурата на неговиот ликовен јазик е впечатлива, иако дводимензионални, тие откриваат повеќе слоеви, просторни димензии кои како камелеон се адаптираат во различни, по можност отворени, широки простори. Може да се почувствува инхалирање на космичкиот мир, а да се види конкретниот хаос, кој е во некоја неповторлива хармонија со линиите и потезите. Тој прави духовно поврзување и изнудува философско истражување и преиспитување на досега познатото апстрактно, во контекст на задолжително присуство во сегашниот момент, притоа посегнувајќи кон реверзија, или како што кажува самиот наслов, реминисценции. Преку таквиот интимен однос со минатото, лично и колективно, оваа изложба е пресек на времепловот, оска од која може да се види наназад, но и убедливо кон идните општествено психолошки расплети”, пишува  Митко Гогов, организатор на оваа серија изложби за колекцијата „Реминисценции“.

Страхил Петровски (194) е претставник на средната генерација визуелни и мултимедијални уметници.