Визуелната уметница Пандора Апостолоска-Саздовска и скулпторот Сашо Саздовски на 13 септември, со почеток во 18:00 часот, ќе имаат самостојна изложба во македонската амбасада во Париз, Франција. Апостолоска-Саздовска ќе се претстави со проектот „Дијалог“, во кој врши истражување во сликарството паралелно со цртежот, а скулпторот Саздовски со проектот „Движење“, во кој ќе ги презентира актуелните истражувања во скулптурата. Двајцата автори ги создадоа своите дела во текот на двомесечниот престој во Париз, Франција. Изложбата ќе биде отворена од македонскиот амбасадор во Париз, Рефет Хајдари.
Пандора Апостолоска-Саздовска е визуелен уметник, активист и истражувач. Во својата богата творечка кариера, има реализирано изложби во музеи, галерии и во центри за современа уметност, во МСУ, во Националниот музеј во Индија, во Музејот на Марк Ротко во Латвија, во Националниот музеј во Кина, во Центарот за современа уметност во Абу Даби, во Фондацијата „Хејдар Алиев“ во Азербејџан, на Универзитетот за уметност и дизајн во Аман, Јордан… За својата работа, наградена е од Европскиот град на културата UMEA во 2014 година, во Париз, Франција, меѓу другите признанија, грантови и студиски престои. Нејзините дела се наоѓаат во престижни јавни и приватни колекции, вклучувајќи владини институции, амбасади, музеи и галерии.
Сашо Саздовски е скулптор и истражувач. Има изложувано во музеи и во галерии за современа уметност во Абу Даби ОАЕ, „Марк Ротко“ во Латвија, Фондацијата „Хејдар Алиев“ во Баку, Азербејџан, потоа во Индија, Шпанија, Италија. Најзначаен сегмент во неговата креативна кариера е реализацијата на монументални скулптури на јавен простор. Досега има реализирано над 20 јавни скулптури во: Аргентина, Саудиска Арабија, Оман, Катар, Азербејџан, Словенија ОАЕ, Турција, Косово, Босна, Србија, Црна Гора, Латвија, Русија, Италија, Австрија, Германија, Данска, Чешка, Португалија и во Македонија.