Во Културно информативниот центар (КИЦ) во Скопје во тек е изложба на уметницата Татјана Манева.

Оваа изложба вреди да се погледа не само поради карактеристичниот ликовен израз на Манева, туку и поради нејзината упорност да го одбегне фенмоенот на новото време – имено, уметноста која стана комбинација од сите возможни средства и техники. Манева преку класични ликовни средства со најновата колекција на дела се осврнува на суштинските егзистенцијални прашања за нашата планета. Оттука и насловот – „Дрво на животот“.

Како што вели историчарот на уметноста Роберт Цветковски, Манева се инспирира од мистеријата на животот и постоењето, отворјаќи прашања од највисок приоритет поврзани со опстанокот во овие тешки денешни времиња во кои иднината е толку неизвесна.

Дел од изложените слики (масло на платно)

Оние кои го следат сликарскиот уметнички производ на Манева знаат за нејзината посветеност кон коцептот за сликање на флорални мотиви во вид на разгранети фрактали низ кои тече животната енергија. Само што овој пат, наместо мотивот да биде во рамките на позадина, тој е и позадина и поента.

Женското тело кое се наоѓа во оваа уметничка серија, Цветковски во каталогот за изложбата го поврзува со прашањето кое само се наметнува кога ќе ги погледнете сликите. Имено: Дали е дојдено времето за будење на самовилите кои ќе ни ја кажат вистина за нашите неодговорни постапки кон Гаја (Земјата) и ќе го побараат од нас она што ни било дадено природно, а некаде патем сме го загубиле во забрзаното време и споулавениот простор за живеење што самите си го создадовме за сметка на природното?

Од отворањето на изложбата со почитување на сите мерки на претпазливост поради ковид-19.

Татјана Манева е родена во 1978 година во Битола. Член е на ДЛУМ и на ДЛУБ. Во 2002 година дипломира на Факултетот за ликовни уметности во Скопје на отсек графика, а во 2004 година магистрира на истиот факултет.

Самостојни изложби освен во Скопје и низ градови во Македонија имала и во Париз, Подгорица, Будва, Берлин, Амстердам…

А. Пауновска
фото: Н. Батев