Во Музеј галеријата во Кавадарци денеска беше отворена Изложба за јануарски празници и обичаи во Тиквешијата. Директорката на Музејот Весна Ѓорѓиева информираше дека на изложбата е претставено значајно материјално, духовно и уметничко културно наследство, преку икони, фотографски плакати и етнолошки креации.

-Ова значајно културно богатство е презентирано на 20 паноа со повеќе од 50 фотографии и музејски експонати, соопшти Ѓорѓиева. Куратори на изложбата се Билјана Галабова, историчар на уметност, и Томе Крстевски, етнолог. -За тоа колку обичаите и празниците биле значајно народно упориште, може да се види и од фактот што по долги години ропство, македонскиот народ, меѓу другото, си помогнал себеси да си го олесни животот со обичаите и со годишните празници, кои ги празнувал низ вековите, и на тој начин да ја зачува вековната традиција и да ја пренесе на наредните поколенија, рече Галабова.

Крстевски во своето обраќање нагласи дека обичаите, традицијата и верувањата кај Македонецот се втемелени во општественото живеење. -Некаде се поизразени, но секаде се празнуваат со верување за среќа, радост и бериќет во македонското традиционално семејство, нагласи Крстевски.

Настанот беше организиран во соработка со градоначалникот и Советот на Општината, а беа почитувани протоколите за заштита од вирусот Ковид-19.