Во Уметничката галерија на НУ Музеј Куманово на 20 ноември во 20 часот ќе биде отворена изложбата „Енергија на светлината“, од циклусот „Урбани трансформации“, на Благојче Наумоски.
Најновиот творечки циклус на ликовниот уметник Благојче Наумоски – Бане, со наслов „Урбани трансформации“ е продолжување на неговото трагање по визуелните сензации во урбаните простори, кои го опседнуваат авторот со своите динамични композиции, геометризмот и игрите помеѓу материјалноста и апстрактното. Како што и тој самиот вели овој проект се фокусира на деконструкција на елементи од урбаните структури, каде се издвојуваат и интерпретираат геометриските форми и волумените што го дефинираат брутализмот.
„Моите дела го истражуваат архитектонскиот јазик на брутализмот преку апстрактна трансформација на просторот, материјалноста и волуменот. Со ова, се стремам да создадам визуелен јазик кој го доловува суровиот карактер на бруталистичката архитектура, притоа истакнувајќи ја моќта на геометријата и минимализмот во контекст на урбаните пејзажи“, вели авторот.
Наумоски (1985), дипломира во 2007 на Факултетот за ликовни уметности при УКИМ, педагошки отсек насока сликарство во класата на проф. Рубин Корубин. Во 2009 станува магистер од област сликарство кај проф. Јован Шумковски. Од 2007 е член на ДЛУМ. Во 2009 станува член на групата Арт И.Н.С.Т.И.Т.У.Т и активно учествува во сите нејзини проекти. Од 2015 е член на колективот АД АКТА. Во моментот е вонреден професор и продекан на Факултетот за арт и дизајн. Во изминатиов период има реализирано дваесет и две самостојни и повеќе групни изложби во Македонија и надвор од државата.