Изложбата „Слобода?!“, составена од дела на македонски и бугарски современи ликовни уметници вечерва ќе биде отворена во Градска галерија во Созопол. Со оваа изложба, македонскиот Културно-информативниот центар во Софија учествува на Меѓународниот франкофонски фестивал „Солеј“, кој по единаесетти пат се одржува во туристичкиот град Созопол на брегот на Црно Море.
Изложбата е дел од проектот „Поврзување“, а целта е да го претстави ликовното творештво на уметниците и да ја информира културната јавност за новосоздадените дела. Во проектот уште од самиот почеток се вклучени и ликовните уметници од Македонија, но кои живеат и работат во Бугарија, а нивната улога е водечка во поврзувањето на двете културни сцени. Во составот на изложбата се делата на уметниците од неформалната група Конекција кои живеат и работат во Софија, Бугарија: Перица Георгиев – Пепси (Скопје), Марјана Иванова (Виница), Зоран Мише (Охрид), Иво Пецов (Виница), Павел Целкоски (Охрид) и Марјан Ѕингаров (Струмица). Тука се делата и на ликовните уметници и професори од факултетите за ликовна уметност во Македонија: Беди Ибрахим (Скопје, ФЛУ), Јован Шумковски (Скопје, ФЛУ), Катерина Деспот (Штип, УГД) и Срѓан Микиќ (Скопје, IBU). Со своите македонски колеги изложуваат и бугарските ликовни уметници и професори од Националната Ликовна Академија во Софија: Георги Јанков, Нина Русева, Свилен Стефанов и Васил Колев. Свое учество има и уметницата Марија Алексиева од Бургас. До 20 јуни во Созопол посетителите ќе можат да ги видат делата од областа на сликарството, графиката, плакатот и фотографската уметност.
По отворањето на изложбата, во Градската галерија во Созопол, македонскиот КИЦ учествува во културната програма на единаесеттиот меѓународен франкофонски фестивал „Солеј“ со уште еден културен настан. Тоа е концертот на трио Академико (Златка Митева – флејта, Бранко Павловски – кларинет, Наташа Трбојевиќ – пијано). Триото ќе исполни музички дела од Ерик Евазен, Ернесто Кавалини, Марјан Јанковки, Луиџи Занинели, Флоран Шмит и Камиј Сен-Санс. Концертот ќе се одржи вечер, со почеток од 20:30 часот, во Археолошкиот музеј на Град Созопол.