„Сè што се прави се прави со помош на компјутерите. Сè е претворено во компјутерски јазик. Всушност целиот живот, па дури и емоциите се – дигитализирани. Токму тоа е пораката на ова дело“, вели за весникот ВЕЧЕР, Тома Димовски, уметник кој како вистински борец се носи со бремето на лице со церебрална парализа. Неговата самостојна изложба „Единици и нула“ ќе биде поставена во паркот „Ибни Пајко“ на 28 и 29 октомври од 19 до 22 часот
Тома Димовски, уметник во душа и по вокација и покрај сето бреме што го носи како лице со церебрална парализа, реши да го претстави своето видување на животот преку самостојната изложба „Единици и нула“, која ќе биде поставена во паркот „Ибни Пајко“ на 28 и 29 октомври, од 19 до 22 часот. Како што открива за весникот ВЕЧЕР тој беше поттикнат од дигитализацијата на се околу нас.
“Се што се прави се прави со помош на компјутерите. Се е претворено во компјутерски јазик. Всушност целиот живот, па дури и емоциите се – дигитализирани. Токму тоа е пораката на ова дело“, вели Димовски кој со уметноста почнал да се занимава уште од својата дванаесетта година.
Неговото дело во комбинирана техника, колаж спреј и акрилна боја, работено на хартија залепена на платно долго 20 метри, кое тој изминатите два месеца го подготвувал во своето ателје во Старата скопска чаршија, во близина на црквата „Свети Спас“, ќе биде поставено на ѕидот помеѓу Филхармонија и Националната опера и балет. А на видео проекција, додава Димовски ќе се види програмскиот јазик, како компјутерите ги гледаат работите.
Во најавата за самиот настан, пак, се вели дека дигитализацијата и зависноста од неа оди до таму што со постоењето на помагала за цртање постои можност да се заборави на цртањето на хартија со молив и дека постојат најразлични техники и технологии во сликарството.
„Ако знаеме дека целата дигитализација е претставена со 0 и 1, тогаш изгледа дека целиот наш живот е нула и единица. Нема Томе, нема Иван, нема сликарство, нема вајарство, нема литература, нема филм, нема музика. Единствено има единица и нула и единствено ако имаш процесор истите може да станат слика“, смета Димовски.
Го прашавме и зошто одлучил делото на кое стои негов потпис, а кое е поддржано со годишната програма на Министерството за култура, да биде претставено на отворен простор, наместо во галерија.
„Не треба да се ограничуваме на изложбен простор. На Скопје му недостасува улична галерија. А улични галерии има во Белград, во Загреб, во многу градови во Европа и светот, па зошто да нема и во нашиот град“, прашува Димовски.
А Тома има и хоби од кое исто така не се откажува. Тој не е само сликар, уметник, туку е и пасиониран колекционер на музички инструменти.
„Ги чувам и дома и во своето ателје, и досега веќе има собрано околу триста. Кога имам време и свирам по малку“, додава Тома.
За некоја следна изложба пак, вели во моментот се уште не размислува. Целата енергија ќе ја насочи кон магистерскиот труд на Факултетот за ликовни уметности. (Д.Т.)