Во ликовната галерија на ЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп денеска, 1 октомври од 18.30 ч. ќе биде отворена изложбата „Асоцијации“ од уметницата Росица Лазеска.

“На оваа изложба Лазеска ни се претставува како автор со инвентивна ликовна имагинација и изразито креативна енергија. Изложбата на цртежи и колажи е вистинска свеченост за окото, во која таа ја напушта класичната претстава за цртежот и со низа од линии и плохи гради еден сопствен свет во кој имагинацијата е нејзин императив. Не случајно Росица Лазеска за оваа 2021 година е носител на наградата за експериментален цртеж воспоставена од Друштвото на ликовни уметници на Македонија“, вели Климе Коробар.

Лазеска е родена 1956 во Скопје. Дипломира на Архитектонскиот факултет во Скопје 1986, дипломира на Факултетот за ликовни уметности, отсек графика во 1992 во Скопје. Од 1992 е член на Друштвото на ликовните уметници на Македонија. Во периодот од 1993-1995 работи на изработка на неколку поштански марки. Добитник е на Гранд При на 2-то Интернационално графичко триенале во Александрија, Египет во 1996 година.