Излеани реки, поплавени улици и домови, уништени земјоделски посеви и отсечено село е епилогот од силното невреме и обилните дождови кои викендов беа евидентирани во неколку градови и села во североисточна и северозападна Македонија.
Состојбата со водостоите на реките во државава полека се смирува, нема нови врнежи и се очекува нивото на водата да се намали, вели директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов.
– Нема нови врнежи и очекуваме нивото на водата да падне. Нивото на Вардар е генерално зголемено сѐ до излезот на државата, но нема нови пријави за поплави – дополнува тој и истакнува дека ХЕ „Вруток“ ќе остане затворена и не се испушта вода во Вардар токму поради зголеменото ниво на реката. Ангелов нагласува дека коритото на реката Вардар во Општина Јегуновце сѐ уште е полно, но состојбата полека се смирува.
Високото ниво на река Вардар во Полошкиот регион предизвикаа поплавување на неколку куќи и ниви во село Раотинце, поради што Центарот за управување со кризи (ЦУК) координираше да се сопре целосно истекот од ХЕЦ „Вруток“ за да нема дополнителен прилив на вода во коритото на реката Вардар. Нивото на реката Вардар е високо, па ова е превентивна мерка од можните излевања на реката во Полошката Котлина.
Зголемен водостој на реките што ги полнат акумулациите на хидросистемот Брегалница регистрираа вработените во водостопанската подружница од Кочани. Од браната Калиманци превентивно се испуштаат по околу 18 кубни метри вода во секунда што се користи за производство на електрична енергија. Дотокот во акумулацијата е со променлив капацитет и во просек се движи над 20 кубни метри во секунда.
– Од реката Брегалница измеривме доток од 45 кубни метри во секунда, така што преостануваат само околу 10 сантиметри до максималното ниво на Калиманци, по што можно е да дојде до прелевање преку ѕидот на браната. Браната Гратче веќе е на прелив, а нашите екипи се на 24-часовно дежурство на терен, ја следиме состојбата околу рамничарските села во Кочанско. Најсериозно е кај селото Долни Подлог, во близина на оранжерискиот комплекс „Зелена куќа“. Овде нивото на Кочанска Река е на максимална кота и го загрозува мостот на локалниот пат кон Облешево. Доцна попладнево дојде до извесно намалување на водата, па нема опасност од поплавување на комплексот – истакна Благојчо Богатинов, раководител на водостопанската подружница „Брегалница“ од Кочани.
Поради зголеменото ниво на водата во Кочанска Река на одделни места во атарот на селата Горни и Долни Подлог пробиен е земјениот брег и поплавени се десетина хектари со пипер и пченка.
Во делчевско новите поројни дождови оштетија дел од локалната патна мрежа во село Драмче каде од надојдените води е поткопан мостот кој минува низ селото, а поплавени се неколку вили и помошни објекти.
– Беше страшно, огромна водена маса течеше по патот и сврте лево од мостот кој исто така беше зафатен од надојдените води. Низводно има викендички и други објекти кои исто така беа загрозени од невремето – информира жител на селото.
Инаку, стручни лица веќе прават проценки како да се санираат свлечиштата, но механизацијата на овие три критични точки може да работи по смирување на временските услови. До Општина Делчево досега 105 граѓани пријавиле штети, при што најчесто пријавуваат штети од поплавени подруми, оштетени машини и апарати за домаќинство, мебел, најразлична опрема, паднати или оштетени плафони, а пријавени се и оштетувања на десетина автомобили. Во Делчево со одлука на Совет минатата недела беше прогласена елементарна непогода како последица на силното невреме кое го зафати градот.
Од големото невреме и поројните врнежи од дожд отсечен беше комплетно патот кон кривопаланечкото село Луке, кој потоа беше оспособен за сообраќај, а патот кон селото Трново каде се однесени пропустите, се уште е надвор од функција и селото е отсечено. Најголеми проблеми предизвикаа дотекувањата на Киселичка Река, во атарот на местото викано Самоков каде нивото на водата беше високо, но засега се однесени само пешачки мостови, како и во населба Мизовски Ливади, местото викано Тополки каде што беа поплавени приземни и подрумски простории на неколку куќи, но брзата интервенција на ТППЕ Крива Паланка помогна за интервентно испумпување на водата од објектите и дворовите. МВР издаде забрана за сообраќај на критични патни правци и забрана за движење на пешачки мостови со забрана за движење на луѓе во речно корито. До ЕВН е испратена информација да се изврши детекција на потенцијални опасности во електричната мрежа.
По невремето што го зафати Кавадарци, предизвикани се големи оштетувања на колекторот каде што се работи веќе некое време, кај мостот на Северен булевар. аматена е водата за пиење во градскиот водовод во Кавадарци поради обилните дождови на изворите Лукар, информираат од кавадаречкото јавно претпријатие ,,Комуналец” и нагласуваат дека водата за пиење, потребно е да се преврива пред консумирање.
– Ние ќе ја следиме состојбата и ќе известиме кога ќе се нормализира состојбата со водата – нагласуваат од комуналното претпријатие.
Од кабинетот на градоначалникот Митко Јанчев апелираат до населението да не се движи во близина на речното корито во тој предел, бидејќи водостојот на реката е се уште голем и водата од земјоделските површини не е повлечена. Се известуваат сите граѓани кои имаат било каков проблем да се јават во Кол центарот на Општина Кавадарци на бројот 13 300.
Последните поројни дождови предизвикаа оштетувања на коритото на Дабнички канал во Прилеп и е направена дупка што е проширена до работ на улицата.
– Со механизацијата и нашите екипи го чистиме Дабнички канал од смет. Нема прелевање од каналот, но сметот може да направи проблеми. Создадена е дупка што е проширена до работ со асфалтот до улицата. Ги санираме оштетувањата, го обележуваме местото, со што минувачите се предупредени да внимаваат кога се движат во близина – вели Игор Гулабоски директор на „Водовод и канализација“.
Според Гулабоски нема големи проблеми со Градска река, но поради поројните врнежи, јавното комунално претпријатие ќе интервенира во шест случаи на поплавени подруми на куќи, главно во населбата Тризла.
УХМР: Од утре стабилно и без врнежи
Од Секторот за хидрологија при Управата за хидрометеоролошки работи велат дека се очекува постепено намалување на водостојот на река Вардар во горниот дел од нејзиното течение, додека во средниот и долниот дел од течението да има зголемување на водостојот. Денеска е забележан минимално зголемен водостој на реката Лепенец, а сите останати водостои на реките низ земјава се во опаѓање и тој тренд се очекува да продолжи во текот на утрешниот ден.
– Сѐ уште посочуваме на внимателност во сливот на реката Вардар, каде во средниот и долниот дел од течението ќе има висок водостој во текот на денот. Генерално, се очекува постепено нормализирање на состојбата со водостоите низ земјава, но сѐ уште предупредуваме на внимателно движење покрај реките и суводолиците – наведуваат оттаму.
Според УХМР од денеска ќе настапи стабилизација со сончево и значително потопло време, освен во среда кога се очекува локален развој на нестабилна облачност со услови за краткотраен пороен дожд и појава на грмежи.