Изгласан Законот за извршување на буџетот за 2025

18

Собранието со 61 глас „за“ го изгласа Законот за извршување на буџетот на Република Северна Македонија за 2025 година, по скратена постапка, по усвојувањето на буџетот на седницата на 10 декември.

Со Законот се определуваат начинот и условите за извршување на буџетот за тековната фискална година.

И со овој Закон се воведува обврска за реализација на 15 проценти од капиталните расходи во првиот квартал, од 40 проценти заклучно со вториот квартал, 65 проценти заклучно со третиот квартал и 70 проценти заклучно со третиот квартал, со исклучок на програмата „Интеграција во ЕУ“ и на потпрограмите „Интеграција во НАТО“ и „Инфраструктурни проекти во општините“.

Со буџетот за 2025 година, вкупните приходи се планирани на ниво од 358,8 милијарди, а расходите на ниво од 400,2 милијарди денари. Буџетскиот дефицит е проектиран во апсолутен износ од 41.350 милиони денари, односно на 4 проценти од БДП, а планираниот раст на економијата е 3,7 проценти. Се очекува да се намали инфлацијата на 2,2 процента.

За капитални инвестиции се планирани 50,5 милијарди денари, како и 349,6 милијарди денари за тековни расходи, како исплата на плати, на пензии, социјални права, субвенции во земјоделството, поддршка на малите и на средните претпријатија, на ранливите категории граѓани, на стопанството…

Расходите за плати се на ниво од 48,1 милијарда денари и бележат раст од 8 проценти, а за стоки и услуги 26,2 милијарди денари, со намалување од 0,5 проценти во структурата на вкупните расходи. За исплата на пензии се планирани 105,5 милијарди денари, со кои се обезбедуваат средства за најавеното зголемување на пензиите за 2.500 денари од март следната година. За надоместоците за социјална заштита околу 14,5 милијарди денари, за паричниот надоместок во случај на невработеност 1,6 милијарди денари, а за спроведувањето активни политики и мерки за вработување 2,3 милијарди денари. Повеќе средства се обезбедени за здравствената заштита, односно 52,5 милијарди денари или за 10,7 проценти повеќе. Поддршката во земјоделството е планирана на ниво од 8 милијарди денари, додека трансферите до единиците за локална самоуправа на ниво од 33,2 милијарди денари или за 2,5 милијарди денари повеќе.