Трансродовите лица во САД очекуваат лоши денови по инаугурацијата на Дондалд Трамп за претседател. Тие, во најмала рака, сметаат на реприза на неговите политики од првиот претседателски мандат, а според американските медиуми, првите рестрикции што ќе ги воведе Трамп откако на 20 јануари официјално ќе стане претседател, ќе бидат поврзани токму со нив. Освен со ова, веднаш по седнувањето во Овалната соба се очекува Трамп да се зафати и со емигрантите.
Како што наведува „Тајмс“, повикувајќи се на извори запознаени со плановите на новоизбраниот претседател, се очекува тој да потпише извршна наредба за отстранување на трансродовите лица од војската на неговиот прв ден на функцијата. Според извештаите, тој планира да издаде наредба со која ќе им се забрани на трансродовите лица да служат во војска, а потоа ќе отпушти илјадници трансродови војници кои во моментов се активни. Објаснувањето за ова, како што вели Трамп, се медицински причини.
Според магазинот „Тајмс“, дури 15 илјади воени лица ќе бидат прогласени за неподобни за служба од медицински причини, вклучувајќи ги и оние кои веќе постигнале значителен успех во кариерата.
-Само Маринскиот корпус го достигнува својот број на регрутирање, а некои од луѓето кои ќе бидат погодени се на многу високи позиции, вели извор запознаен со плановите на Трамп.
Според медиумот, со новата наредба Трамп исто така нема да дозволи трансродовите лица да се пријавуваат во војска, иако во моментов САД има проблеми со регрутирање нови војници.
Уште за време на првиот претседателски мандат во 2017 година Трамп изјави дека САД повеќе нема да „прифаќаат или дозволуваат“ трансродови луѓе во војската, наведувајќи ги „огромните медицински трошоци и прекини“, а забраната стапи на сила две години подоцна, во 2019 година, иако неговите иницијативи во врска со трансродовите лица беа блокирани од судовите и Конгресот, кои тогаш беа под контрола на либералите. Откако тој ги изгуби изборите трансродовите лица се вратија во војската благодарение на тогаш избраниот претседател Џо Бајден, кој ја смени политиката. Сега се очекува Трамп веднаш повторно да ја смени политиката, а како што пишува „Тајмс“ извршната акција е една од низата наредби што Трамп планира да ги издаде веднаш по враќањето во Белата куќа, вклучително и опсежни мерки за имиграција, кои се очекува да предизвикаат значителни правни битки. За време на првиот претседателски мандат, во 2017 година администрацијата на Трамп имаше уште една мерка за овие лица – го поништи указот на Барак Обама за тоалетите за трансродовите лица во државните училишта.
Според изјавите што ги дава, Трамп исто така има намера да го укине финансирањето на училиштата кои учат теми како што се критичката теорија на расата, родовиот идентитет и она што тој го нарекува трансродово лудило. Тој исто така се залага за политики со кои се забранува учество на трансродовите спортисти во женски спортови и ограничување на дискусиите во училиштата за родовиот идентитет.
За време на кампањата, Трамп, заедно со републиканските групи, потроши десетици милиони долари на антитранс реклами. Тој вети дека ќе стави крај на граѓанските права за ЛГБТ луѓето, ќе им забрани на транс лицата да учествуваат во спортот и ќе ја забрани здравствената заштита за младите трансродови лица.