Изворот Лавовец скриен во Глуво на Скопска Црна Гора

3113

Во Градот Скопје, во 15 и во 16 век, интензивно се подигале амами и џамии, за чија градба и функционирање биле потребни големи количества чиста вода. Се смета дека по нарачка на Мустафа-паша, градителот на една од најубавите џамии во Скопје, е изграден, односно реконструиран и водоводот.

Аквадуктот бил дел од водоводот преку кој се пренесувала вода од Скопска Црна Гора до скопската тврдина Кале. Водата била спроведувана од изворот Лавовец до самата река Бањанка во селото Глуво на Скопска Црна Гора, сѐ до „топчиската касарна“, Мустафа-пашината џамија, до некогашниот турски уќумат, Куршумли ан и до Зијабеговата џамија. Водата, преку аквадуктот, се пренесувала со цевки, кои оделе од запад кон исток.

Планинарката Станимирка Тасевска за весникот ВЕЧЕР испрати фотографии од изворот Лавовец, кој го посетила деновиве. Вели дека со стравопочит стапнала на ова место, оти е толку значајно како плод на работата на луѓето од едно дамнешно време.

– Луѓе кои знаеле, умееле, научувале, биле вешти, мудри и сложни градители и тоа со какви алати, со каква техника, со каков мудар ум и со колку пот, па дури и рани од тешкото – вели Тасевска.

Вели дека изворот, за неа, претставува почетно место како градба, како историско минато, како сведоштво за начинот на градење и како нешто вредно за чување и за поголема виденост. Затоа предлага надлежните да постават патеки и ознаки како да се стигне до него и да биде заштитен со закон.

– Замислете да стои туристичка табла на која пишува „Патека на скопскиот аквадукт“, која би се притегала од изворот, над цевководот, па до грандиозната градба во Визбегово. Би ја користеле планинарите и туристите – потенцира Тасевска.

Таа нагласува дека водата е чиста и со неа може да се замиваат оние што сакаат да го видат изворот, кој не пресушува стотици години.

(С.Бл.)