– Со трговска отвореност од над 150% од БДП и извоз на стоки и услуги од над 70% од БДП, нашата економија е пример за мала и отворена економија успешно интегрирана во глобалните трговски текови. Притоа, извозот на услуги станува сè позначаен двигател на економскиот раст и поддршка на платнобилансната позиција на економијата со позитивно влијание врз девизните резерви, посочува гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, во авторскиот текст објавен во петтата годишна едиција „Топ 100 извозници 2024“.
Таа нагласува дека во периодот по 2020 година се забележува раст на извозот на услужниот сектор, особено во делот на компјутерските и деловните услуги.
– Во делот на ИТ-услугите е забележано удвојување на учеството во БДП во однос на извозот во 2019 година, додека во делот на деловните услуги е забележан пораст од 50% – вели Ангеловска-Бежоска.
Според индексот за подготвеност за вештачката интелигенција на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), нашата земја е на 77. место од вкупно 174 земји, што укажува на простор за унапредување на нивото на дигиталната зрелост на земјата за вештачката интелигенција, од аспект на соодветноста на човечките ресурси, дигиталната инфраструктура и регулативата во оваа област.
– Еден показател каде што нашата држава е релативно добро рангирана во споредба со земјите од регионот, па и со дел од земјите на ЕУ, е процентот на компании коишто користат вештачка технологија и аналитика на големи бази на податоци (близу 13% од компаниите користат големи бази на податоци, а речиси 10% вештачка интелигенција). Ова укажува на потенцијал за искористување на оваа компаративна предност и задржување на добрите извозни остварувања на услужниот сектор и во иднина – вели гувернерката Ангеловска-Бежоска.
Гувернерката во текстот укажува и на можните ризици, како дополнителен предизвик за идните остварувања на македонскиот извозен сектор, како геофрагментацијата, влошените очекувања за германската економијата, како наш најважен трговски партнер, како и климатските промени. Гувернерката нагласува дека периодот што ни претстои изобилува со предизвици, и за носителите на економските политики, и за економските субјекти, но и можности доколку компаниите успеат брзо и успешно да се приспособат на динамичните промени.
– Јасна е потребата за јакнење на продуктивноста, којашто значително заостанува зад поразвиените економии (за илустрација, продуктивноста на домашната економија е околу 50% во однос на просечната продуктивност на земјите од ЕУ), за подобрување на конкурентниот профил, следење на технолошкиот напредок и за нови инвестиции – нагласува Ангеловска-Бежоска.