Глобалните цени на прехрамбените производи во август се вратија во тренд на пораст, по два месеци последователен пад, како последица на големиот скок во меѓународната котација на шеќерот, пченицата и на растителните масла, објави Организацијата на обединетите нации за храна и земјоделие (FAO).
Индексот на цените на FAO кој ги следи месечните промени во потрошувачката кошница на пет основни производи – млеко, месо, житариците, шеќер и билни масла, во август во просек изнесуваше 127,4 поени, што е раст за 3,1 отсто во однос на јули и дури 32,9 отсто во одмнос на истиот месец во 2020 година.
Цената на шеќерот во минатиот месец е зголемена за 9,6 отсто во однос на јули, проследено со загриженоста поради штетите кои мразот им ги нанесе на посевите во Бразил, најголемиот светски извозник на шеќер. Растот на цената на оваа намирница го ограничи информацијата за добрите производни изгледи во Индија и во Европската унија, како и падот на цената на суровата нафта и падот на вредноста на бразилската валута, се наведува во извештајот на FAO.
Билните масла на меѓународниот пазар во август поскапеле за 6,7 отсто, при што цените на палминото масло се вратија на историскиот максимум поради континуираното потфрлање во однос на производствениот потенцијал што резултира со намалување на залихите во Малезија. Цените на маслодајната репка и на сончогледовото масло исто така бележат пораст.
Цените на житариците во август во просек се зголемени за 3,4 отсто во однос на претходниот месец. Котациите на пченицата бележат скок од 8,8 проценти поради предвидената послаба жетва во неколку големи земји извознички. Наспроти тоа цената на пченка падна за 0,9 отсто, како резултат на добриот годинешен род во Аргентина, ЕУ и во Украина со што се неутрализирани намалените прогнози за производството на пченка во Бразил и во САД. Глобалните цени на оризот останаа во надолна линија.
Меѓународните цени на месото се малку зголемени во извештајниот месец поддршани со силната кинеска куповина на овчо и на говедско месо и на солидната увозна побарувачка во источна Азија и на Блискиот исток за месо од живина. Цените на свинското месо паднаа по натамошното намалено купување во Кина и слабата домашна побарувачка во Европа.
Индексот на FAO за ценатат на млекото е во благ пад во август на месечно ниво, по падот на котацијата на млекото во прав поради слабата глобална увозна побарувачка и сезонскиот раст на извозните можности во Окејанија, со што е компензиран порастот на цената на путерот и на сирењето.
Во издвоениот извештај за пазарот на житарици, FAO го намалува процентот на производство на житарици за оваа година за еден отсто, на 2,78 милиони тони. Исто така се предвидува и дека глобалното производсво на пченица оваа година ќе биде помало за 0,7 отсто и дека ќе изнесува 769,5 милиони тони, главно поради негативните последици од продолжената суша во Северна Америка и неповолните временски услово во Казахстан во Руската федерација, земји кои се најголеми производители на лебно зрно.