ИЗБОРОТ НА ПРЕТСЕДАТЕЛСКИОТ КАНДИДАТ НОСИ НОВ РАСКОЛ ВО ПАРТИЈАТА: Старото крило на ВМРО-ДПМНЕ ќе дојде на конвенција, ама нема да гласа?

79

Оваа година бројката е преполовена и најголем дел од нив се избрани лично од претседателот на партијата Христијан Мицкоски. Тоа е така за да не избега работата од негова контрола, односно да се избере кандидатот кој е негов фаворит и фаворит за најтесното раководство на партијата. Ќе одам во Струга на Конвенцијата, иако поканата ми стигна пред два дена, во четвртокот. Ќе одам, ама нема да гласам бидејќи оваа Конвенција е само за да се официјализира личниот избор и волјата на Мицкоски, открива за ВЕЧЕР поранешен висок функционер од опозициската ВМРО-ДПМНЕ и потенцира дека на овој став се уште неколкумина делегати кои во исто време се и со подолг стаж во законодавниот дом

Помалку делегати, а поголема поделеност на Конвенција за избор на кандидат за претседателските избори што се одржува викендов во Струга.
На конвенцијата право на глас за избор на претседателскиот кандидат ќе имаат 551 делегат.
Постарите членови на партијата реагираат на повеќе од преполовениот број на делегати за оваа конвенција и ценат дека конвенција со над 1000 делегати ќе значи навистина демократски избор на кандидат за претседател во партијата.
Пратеникот Илија Димовски во изјава за ВЕЧЕР вели дека ќе присуствува на Конвенцијата, и ќе ги ислуша претставувањата на сите девет кандидати.
-Ќе присуствувам на Конвенцијата, и мислам дека требаше да има поголем број делегати како што беше порано. Секогаш бројката била над 1000 делегати, и сметам дека на тој начин ќе им се дадеше можност на поголем дел од членството да избере кандидат за претседателските избори. Имам свој фаворит и сигурно ќе поддржам некој од кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ, вели Димовски за ВЕЧЕР.
Според партискиот статут за да се избере кандидатот на партијата во првиот круг тој треба да освои 1/3 од гласовите на делегатите, односно за него да гласаат најмалку 184 партиски членови, од вкупно 551 делегат. Ако ниту еден од деветте кандидати во првиот круг го нема потребниот број гласови, тогаш истата вечер ќе се одржи втор круг гласање, во кое ќе учествуваат двајцата кандидати со најмногу гласови.
Ова е прв пат бројот на делегати на Конвенцијата на ВМРО-ДПМНЕ за избор на кандидат за претседател да биде со бројка под 1000. Во 2009 година изнесувал 1.016, во 2014 година 1.300 делегати.
-Оваа година бројката е преполовена и најголем дел од нив се избрани лично од претседателот на партијата Христијан Мицкоски. Тоа е така за да не избега работата од негова контрола, односно да се избере кандидатот кој е негов фаворит и фаворит за најтесното раководство на партијата. Ќе одам во Струга на Конвенцијата, иако поканата ми стигна пред два дена, во четвртокот. Ќе одам, ама нема да гласам бидејќи оваа Конвенција е само за да се официјализира личниот избор и волјата на Мицкоски, открива за ВЕЧЕР поранешен висок функционер од опозициската ВМРО-ДПМНЕ и потенцира дека на овој став се уште неколкумина делегати кои во исто време се и со подолг стаж во законодавниот дом.
Во трката за избор на претседателски кандидат на ВМРО-ДПМНЕ се Ѓорѓи Манасков -претседател на Стопанска комора за енергетика, Васко Костов – фармацевт, Влатко Ѓорчев – пратеник, Гордана Силјановска – професор, Илија Димовски – професор во пензија, Никита Шекутковски – професор, Сашо Кутлешовски – професор, Филип Петровски – ексдиректор на Архив, Горан Ангелов – директор на „Дрисла“.
Според партиски извори, најголемата битка на партиските делегати ќе се води помеѓу Влатко Ѓорчев и професорката Гордана Силјановска. Јадрото на партијата инсистира на партиски кандидат и со сигурност ќе даде поддршка за Ѓорчев, а неофицијално фаворит за Мицкоски и за дел од актуелното раководство е професорката како натпартиски кандидат, што може да доведе до нов раскол во опозицијата.