Невообичаен хостел, поврзан со засолниште за мачки, во префектурата Осака во западна Јапонија, им овозможува на гостите да заспиваат гледајќи во мачките. За многумина, тоа е прибежиште од реалноста, каде сѐ уште е актуелна корона-пандемијата.
Хостелот наречен „Неко Хатаго“ е отворен минатиот декември, како додаток на „кафулето“ за мачки „Неко Јокуџо“. Одморалиштето има осум соби, од кајшто луѓето можат да ги гледаат мачките преку стаклен прозорец поставен покрај секој кревет.
– Сакам луѓето да дознаат повеќе за мачките што ние ги спасуваме и прибираме, па и како тие се однесуваат навечер, вели Наоми Нишикубо, сопственичка на објектот.
Мјаукањето се слуша постојано, а на гостите во хотелот им е дозволено да ги бањаат и хранат мачињата, пред и по работното време на „кафулето“ за мачки.
Хостелот имаше и доста странски посетители пред корона-пандемијата, но сега тие се помалку.