Забраната за продажба на автомобили со мотори со внатрешно согорување до 2035 година, која италијанскиот премиер Џорџо Мелони ја нарече  „идеолошко лудило“, може да ја доведе европската автомобилска индустрија пред колапс. Затоа, оттаму бараат да се олеснат целите за јаглерод диоксид и да се преиспита забраната.

Германија и Италија му се приклучија на повикот на европската автомобилска индустрија. Италијанскиот министер за индустрија, Адолфо Урсо, ги повтори неодамнешните предупредувања од производителите на автомобили, дека ќе бидат укинати десетици илјади работни места ако ЕУ не го промени курсот.

Влијателната групација со седиште во Брисел, која ги вклучува БМВ, „Форд“, „Рено“, „Фолксваген“ и „Волво“, на 19 август предупреди дека паднале регистрациите на нови автомобили под 644.000 во август, што е пад од повеќе од 18 % во споредба со тој месец во 2023 година.

Најголем пропорционален пад е забележан кај електричните автомобили, чиј удел на пазарот паднал за речиси една третина од минатогодишните 21 процент.

– Ни недостигаат клучните услови за да го постигнеме потребниот моментум во производството на возила со нулта емисија: инфраструктура за полнење, вклучувајќи го водородот, конкурентна производствена средина, прифатлива зелена енергија, купување и даночни стимулации, како и сигурно снабдување со суровини, водород и со батерии – напиша АЦЕА.

Производителите на автомобили оваа година мора да се погрижат емисиите на сите автомобили што ги продаваат во дадена година да не надминуваат просечни 115,1 грама на километар, а таа граница следната година ќе се заостри на 93,6 грама. Тој број ќе биде сè потешко остварлив со падот на продажбата на електрични возила, од една страна, и доминацијата на поголемите СУВ-модели.