Ансамблот на Народниот театар – Битола, на 14 ноември, премиерно ќе ја изведе претставата „Ѓоре Магаревски 80 години потоа“, по повод 80 години постоење на оваа институција.

Јубилејот на Народниот театар – Битола се одбележува токму со првата претстава, која се одиграла на македонски јазик во слободна Македонија, на 14 ноември 1944 година, кога беше изведена едночинката „Ѓоре Магаревски“ или „Петтоимениот Ѓоре“ од Владо Малески, во режија на Димче Стефановски. Во првото театарско јадро на овој град тогаш биле Јорго Цаца, Вера Вучкова, Димче Стефановски, Ацо Стефановски, Мери Бошкова, Симо Георгиевски, Славче Матевски, Георги Карев, Јован Бејко, со што започна со работа најстариот македонски театар, Битолскиот.

Во роденденската претстава „Ѓоре Магаревски – 80 години потоа“ се третира идентитетот, премолчувањето и предавствата, и е составена од три дела во кои режисерите Софија Ристевска-Петрушева, Јован Ристовски и Благој Мицевски даваат свои видувања на споменатите теми.

Според Васко Мавровски, директорот на битолскиот театар, претставата обработува теми кои за некого се можеби скандалозни, а за некого провокација и е поука дека ако историјата ја заборавиме, ќе ни се повтори.

-Наше е да не дозволиме да си правиме автоцензура. На сцената ќе го видите тоа што некој пред 80 години го напишал и одиграл без наши дополнителни интервенции, рече Мавровски.

Во новата претстава настапуваат актерки и актери од сите генерации, вклучувајќи ги и пензионираните од Битолскиот театар. Сценограф е Валентин Светозарев, костимите се на Мицевски и Андреј Ѓоргиевски.

Со основањето на НУ Народен театар – Битола во 1944 година, почна процесот на основање на другите театри во земјава – во Скопје, Прилеп, Велес и во други македонски градови.