Аргентинскиот интернационалец Гонзало Игуаин и неговата иднина во дресот на калчо гигантот Милан и понатаму се главна тема на дискусија кога е во прашање фудбалска Италија. Искусниот напаѓач има просечна сезона на “Сан Сиро” (осум погодоци и три асистенции на 21. натпревар), а од неговата игра не се задоволни ниту клупските челници кои одвоија 18 мил. евра за едногодишната позајмица од Јувентус.
Пипита постигна само еден погодок во последните три месеци, а целата криза настана откако Игуаин го промаши ударот од белата точка на дерби натпреварот против поранешниот клуб Јувентус. Во финишот од натпреварот, Аргентинецот заработи и директен црвен картон.
Италијанските медиуми се убедени дека прашање е само на денови кога Игуаин ќе се пресели во редовите на лондонскиот премиерлигаш Челзи, каде повторно ќе соработува со омилениот тренер, Маурицио Сари. Директорката на лондонските “сини”, Марина Грановскиа доби зелено светло за реализација на трансферот и веќе седна на преговарачката маса со челниците на Јувентус и Милан, но “росонерите” веќе потенцираа дека прво мора да пронајдат замена за Игуан.
Моментално, во пол-позиција за наследник на Игуаин е полскиот интернационалец од редовите на Џенова, Крижтоф Пиатек. Младиот 23-годишен напаѓач сезонава има одиграно 21 натпревар на кои постигна 19 погодоци и запиша една асистенција. Раководните лица на Милан, Леонардо и Паоло Малдини се убедени дека Пиатек е идеална опција за нападот и дека ќе биде поисплатлива инвестиција од Игуаин.